Локалните избори во Босна во согласност со демократските стандарди, според Конгресот на локалните и регионални власти
Сараево, 7 октомври (МИА) - Локалните избори во Босна и Херцеговина што се одржаа во неделата во целина беа спроведени во согласност со демократските стандарди, но беа засенети од слабиот одѕив особено во поголемите градови и од етничката поделба.
Тоа е првичниот заклучок на делегацијата на Конгресот на локалните и регионални власти при Советот на Европа, која го следеше гласањето и пребројувањето на гласовите во околу 120 избирачки места во Сараево, Бања Лука, Мостар, Сребреница, Брчко, Зворник, Пале и Братунац.
- Изборите беа технички добро организирани, соопшти делегацијата и додаде дека предизборната кампања била помрачена од тврдењата за поткупи, реторика, етничка поделба, како и од апатијата на избирачите.
- Тоа може да се должи на фактот дека политичките дебати за време на кампањата не ги засегнаа прашањата кои што ги интересираат граѓаните, оценува делегацијата на Конгресот на локалните и регионални власти при Советот на Европа.
|