Пет лица загинаа во поплавите во Србија

евакуација во БиХ, „црвена тревога“ во Хрватска

Белград, 15 мај 2014 (МИА) - Во поплавите кои во последните 24 часа ја зафатија Србија досега загинаа пет лица, a српскиот премиер Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба во целата земја.

- Ова е најголема катастрофа која се памети во историјата на Србија. Никој не може да ги победи водата и огнот и затоа е најважно да ги зачуваме човечките животи, истакна Вучиќ, стравувајќи дека бројот на жртвите ќе се зголеми.

Најголеми проблеми поплавите предизвикуваат во Лазаревац, Обреновац, Чачак и Ваљево. Без електрична енергија моментно се околу 100.000 домаќинства, а повеќе од 600 семејства се евакуирани.

Дождот, кој во некои делови на Србија постојано врне повеќе од 36 часа, предизвика поплави кои досега во 18 општини во централниот и западниот дел на земјата предизвикале вистински хаос, уривајќи мостови и оштетувајќи ја инфраструктура.

Училиштата во Белград и во сите поплавени места денеска и утре се затворени, а српското Министерство за образование побара да бидат одложени сите вонучилишни активности во земјата поради безбедносни причини.

Најкритична е ситуацијата на територија на Колубарскиот, Мачванскиот и Моравскиот округ, каде има зголемување на водостојот и излевање на реките Колубара, Јадра, Тамнава, Деспотовица, Чемерница и Баричка Река.

Секторот за вонредни ситуации на Србија ги ангажира сите расположливи сили за заштита и спасување.

За спасување, евакуација и згрижување на загрозените моментално се ангажирани сите тимови за спасување и работа на вода на Секторот за вонредни ситуации, 498 припадници на противпожарните и спасувачки единици, 100 припадници на полицијата и 100 возила, 43 пумпи и 23 чамци, се наведува во соопштението.

Ангажирани се 180 припадници на Армијата на Србија, со два чамци и три пумпи.

Во областите зафатени од поплави во прекин е сообраќајот на голем број патни правци.

Српскиот Републички хидрометеоролошки завод предупредува дека водостојот на сите реки и понатаму се зголемува, а поројниот дожд е проследен со бурни ветрови.

Во исто време, Владата на Федерацијата БиХ денеска попладне прогласи состојба на природна катастрофа поради поројниот дожд, кој во изминатите 48 часа предизвика излевање на реките и големи поплави во некои делови од земјата. Поради невремето во прекин е и железничкиот сообраќај северно од Сараево, поради што е откажан и редовниот меѓународен воз за Загреб.

Ситуацијата во Маглај, каде има големи поплави, е драматична, бидејќи реката Босна практично тече низ градот, а беспомошни граѓани на покриви од куќи чекаат спас, јавуваат локалните медиуми.

Водата навлегува во домовите на локалните жители кои очекуваат хеликоптери на Армијата на БиХ за да ги спасат од поплавените куќи.

Претседателството на БиХ свика итна седница на која е донесена одлука сите расположиви човечки ресурси и материјално-технички средства на војската да се ангажираат за давање помош на цивилните власти и граѓани.

Босанското Министерство за безбедност потврди дека во текот на денот хеликоптери на Вооружените сили евакуирале најмалку 13 лица. Поради влошената состојба побарана е помош и од мировните сили на ЕУ во БиХ (ЕУФОР).

Во поголемиот дел на БиХ има прекин на струјата, а делумно и на мобилната телефонска мрежа.

Во Хрватска поради неповолните временски прилики Метеоаларм издаде предупредување за речиси целата држава заради поројни дождови и повремена појава на бури. За северозападниот и источниот дел од државата објавено е црвено, највисоко ниво на тревога. Уште од синоќа силна бура имаше во Сплит, во Макрска, Трогир и во Комижа.

Американската вселенска агенција НАСА на својата веб страница објави сателитска снимка од Европа на која се гледа голем облак дожд во чиј центар се наоѓа Србија.

Облакот дожд ја прекрива речиси цела Европа, без Шпанија и Португалија, а според снимката, најгуст е над Белград и Србија.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...