Тирана, 31 јули 2014 (МИА) - Советот на министри на Албанија на денешната редовна седница ја усвои одлуката за затворање на неколку амбасади низ светот, меѓу кои и Амбасадата во Сараево.
Албанската Влада, во рамки на реформата во надворешната политика, донесе одлука за затворање на амбасадите во Малезија, Португалија, Индија и Босна и Херцеговина.
Во соопштението на албанската Влада се наведува дека процедурата за затворањето на споменатите амбасади ќе ја спроводе албанското Министерство за надворешни работи, но во него не се наведуваат и причините за затворањата.
Одлуката во сила ќе влезе веднаш по објавувањето во Службен весник.
Албанското Министерство за надворешни работи минатата недела најави длабоки реформи во надворешната политика на земјата.