Deutsche Welle

Србија: Парада за Путин

Одбележувањето на 70-годишнината на ослободувањето на Белград од нацистите се чини во Србија е во сенка на веста дека на прославата стигнува лично Владимир Путин, а таква посета никогаш не е чисто протоколарна.

Југословенските партизани заедно со војниците на Црвената армија всушност ги протераа нацистите од Белград на 20 октомври 1944 година. Но, тој историски факт не ги загрижува многу актуелните српски властодршци кои испланираа да ја одржат централната прослава на Денот на ослободувањето веќе денеска, 16. октомври. Историјата, се забележува саркастично, мораше да биде поместена за да се вклопи во календарот на еден исклучително важен гостин. Посетителот се вика Владимир Путин, чија Русија меѓу Србите важи за традиционален сојузник и „православна мајка“. Шефот на Кремљ ќе блеска на воената парада, прва со таква величина во Белград по речиси три децении.

Несмасно додворување

„Владата на Србија неспретно создаде збрка“, смета писателот и новинар Иван Ивањи. Овој 85-годишен човек и тоа како се грижи за антифашистичкото наследство на својата земја. Поради своето еврејско потекло како момче бил интерниран во злогласните логори Аушвиц и Бухенвалд, а по војната бил преведувач на претседателот Јосип Броз Тито, како и југословенски дипломат во Бон. Но, сега Ивањи може само да посматра како наместо сеќавање на антифашистичкиот датум, на насловните страници на весниците стигнуваат наслови за посетата на рускиот претседател.

„За српското раководство би било попаметно да го примеше високиот гостин со сите почести, тогаш кога тој ќе имаше време, а воената парада да ја одржеше на 20 октомври. Тогаш таа би била парада за граѓаните, а не за еден специјален гостин“, вели Ивањи за Дојче веле.

Ваква грешка немаше да има ако Путин најдеше време за посетата околу годишнината на Денот на ослободувањето, уверен е младиот социолог и блогер Дарио Хајриќ.

„Но, бидејќи доаѓа претседателот на Руската Федерација, претставниците на политичката класа сметаат за пригодно да му организираат ’студеновоено’ дефиле под плаштот на сеќавање на ослободувањето на Белград. Кога ќе погледнете под црвената украсна хартија, ќе видите како покрај Путин ќе стои човек кој и натаму ја носи титулата на четнички војвода (српскиот претседател Томислав Николиќ, н.з), како нашите судови ги рехабилитираат фашистичките колаборационисти, а како и партизаните и државата која ја создале, се третираат речиси полошо отколку окупаторот“, вели Хајриќ за Дојче веле.

Во духот на студена војна, со тоа нашиот соговорник мисли на актуелните тензии меѓу Москва и Западот, оживување на стариот конфликт во кој малата Србија се надева дека ќе може да остане неутрална. Така Белград флуктуира од европската чекалница до пријателските односи со Русија.

„Моментно, ние сме сојузници на онаа држава во која премиерот Вучиќ и‘ оди во посета. Тоа не е е никаква дипломатска мудрост, туку наивно и многу видливо калкулантство“, тврди Хајриќ.

Во ќошот на Европа

Владејачките политичари во Србија се уверени дека немаат друг избор освен да се занимаваат со калкулации. Како и другите балкански земји, или на пример балтичките, и Србија речиси стопроцентно е зависна од руските енергенси и учествува во изградбата на рускиот гасовод Јужен тек. Главните медиуми во Србија речиси постојано известуваат за руските милијарди долари кои само што не стигнале, што како директни инвестиции, што како кредити.

„Од блискоста со Русија немаат корист граѓаните на Србија, туку делови од политичката класа кои воспоставија врски со руската олигархија“, смета Хајриќ. Тој вели дека е празен мит тоа што Србија има големо значење за Москва. Но, за мнозинството Срби врската е емотивна, делумно и поради тоа што Русија важи за заштитник на „српското Косово“. Со таа логика, не е пресудно колку светски држави ќе ја признаат независноста на некогашната српска покраина, туку е пресудно што Русија со своето вето го блокира патот на Косово во ОН.

Дарио Хајриќ.

Некои други познавачи на приликите меѓутоа велат дека во геополитичкиот шах не треба да се потцени значењето на Балканот и Србија како негово географско средиште. Неодамна берлински „Тагесцајтунг“ напиша дека целиот полуостров е „мал пригоден спореден фронт на глобалното одмерување на силите“. Тоа го препознава и бившиот дипломат Ивањи. Тој верува дека Москва сака да задржи присуство во овој „заден двор“ на Европа. Тоа, во случајот со Србија, често се одвива на картата на културниот и религискиот идентитет. Така на почетокот на овој месец гласовитиот руски режисер Никита Михалков светската премиера на својот нов филм ја прикажа токму во Белград, а руската влада испрати иконописци кои треба да го украсат Храмот на Свети Сава со огромен мозаик.

Тоа не е крај на соработката: Русите на аеродромот во Ниш, на југот на Србија, имаат центар за евентуална помош по природни катастрофи. Тој детал не треба да се превиди, предупредува Ивањи.

„Има една стара и убава француска изрека:Honi soit qui mal y pense, што во превод значи: Само никаквец во тоа гледа нешто лошо. Засега никој не сакаше да биде никаквец и да забележи дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу уште како министер за цивилна заштита често го обиколиваше аеродромот во Ниш. А дека во близина, на Косово, се наоѓа американската база Бондстил“.

За љубов се потребни двајца

Откако трае украинската криза, очите на бриселската администрација нешто почесто се свртени кон Белград. Зашто, Србија, покрај соседната Македонија, е единствената држава која стреми кон ЕУ, а не сакаше да се приклучи кон европските санкции против Русија. Новиот одговорен за регионалната политика и проширувањето, Јоханес Хан, за тоа вели дека Белград уште еднаш ќе мора да го преиспита својот став кон Москва. Тоа, тврди тој, би бил доказ за искрената желба на Србија за влез во ЕУ. Официјално, еден кандидат за член во Унијата не е обврзан слепо да ја следи надворешната посета на Брисел, но и Европејците знаат да вршат притисок.

Според она што Дојче веле го дозна во европските дипломатски кругови, некои држави, на чело со Германија, планираат врзување на темпото на пристап на Србија кон ЕУ со ставот на Белград кон Москва.

Затоа, малата и немоќна српска опозиција ја критикува посетата на Путин во овој момент. Но, за владејачките националисти, нема двојба. Работата е билатерална, вели шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ. Се тврди, воената парада не се организира само поради Путин, можат да дојдат и Барак Обама и Дејвид Камерон.

„Немам ништо против тоа, но дали тие би дошле? За љубов секогаш се потребни двајца“, сигнализира јасно Дачиќ на чија страна се српските симпатии. Ни претседателот Николиќ не сака да заостане, туку планира да ги украси градите на Владимир Путин со еден орден. Слични одликувања во текот на мандатот на Николиќ веќе добија „пријателите на Србија“, на пример Виктор Јанукович и Александар Лукашенко, но Путин ќе добие поголем и поважен орден од сите.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...