Над 17 милиони евра за инфраструктурни проекти во СкопјеСкопје, 27 јули 2016 (МИА) - Во Скопје во моментот се реализираат 15 градежни проекти и се случува голема градежна експанзија, го информираше денеска градоначалникот на град Скопје Коце трајановски лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски, кој присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на вториот дел од проширениот булевар „Партизански одреди" од новиот кружен тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“.
Трајановски појаснувајќи му на Груевски, кој потенцира дека во моментов се работи во сите општини во Скопје, истакна дека во тек се активности и градежни работи, пробивање на нови булевари и улици во должина од 9.000 метри со вкупна вредност од една милијарда и 92 милиони денари или вкупно 17,7 милиони евра.
- Градот е претворен во големо градилиште и тече голема градежна експанзија. Општините со поддршка на Владата добиваат помош во секој поглед за да пронајдат инвеститори, да ја подобрат бизнис климата, а со тоа и зголемување на финансиите кои се собираат како приход од наплата на комуналии од изградба на нови објекти во градот Скопје. Средствата кои се собираат се инвестираат во капитални инвестиции во општините, рече Трајановски во разговорот со претседателот на ВМРО - ДПМНЕ.
Посочувајќи дека се вложува многу, благодарение на добрата клима создадена за инвеститорите од страна на општините и Владата, Трајановски се осврна на повеќе крупни проекти.
- За наредниот мандат се потребни неколку подвозници во центарот на најфреквентните раскрсници, му рече Груевски на градоначалникот на Скопје, а за тоа, посочи, се потребни подготовки за да може да се реализира во наредните три до четири години. Во оваа насока Трајановски ги спомена идејните проекти на „Јужниот булевар“ накај Стара рампа во општина Кисела Вода.
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Груевски потсети дека во Општина Аеродром е потребен нов влез и излез, на што Трајановски истакна дека фокусот е ставен на бул. „Трета Македонска бригада“, а се работи и на проширување на бул.„ АСНОМ“ кон ул. „Тодор Чаногов“, кој треба да биде пуштен во употреба крајот на август годинава.
Според Трајановски, во општина Аеродром третиот проект е делот од „Рајскиот парк“ со површина околу 98 илјади метри квадратни околу 10 хектари, а целиот проект е за околу 25 хектари.
- Тоа ќе биде еден од најкапиталните објекти. Ќе почнеме и со проектирање на мост на реката Вардар, така што кога ќе одиме од Скопски саем на раскрсницата на Беласица да продолжиме и да дојдеме до реката Вардар накај спортската сала Јане Сандански, појасни градоначалникот Трајановски.
Најголемите проекти, истакна градоначалникот на Град Скопје, се во општина Кисела Вода односно третата фаза од бул. „Борис Трајковски“ од Стаклара до Пинтија, со финансиски средства преку Министерството за финансии од Светска банка. Втор значаен проект што е почнат е бул. „Србија“, каде што се планира голем кружен тек со бул. „Христо Татарчев“. Пред неколку дена, информира, е почната реконструкцијата на бул. „Народни херои“ во Кисела Вода.
- Се работи многу на ул. „Есенинова“, која е многу значајна за да можеме да дојдеме до железничката станица. Ќе почнеме сега со проектирање затоа што со изградбата многу ќе се растовари сообраќајот и ќе има уште едно поврзување на општините Аеродром со Кисела Вода, рече Трајановски.
За општините Чаир, Бутел и за Гази Баба, според Трајановски, најголем проект е пробивањето на бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ па се до новата заобиколница. Тој изрази надеж дека пред почетокот на оваа зима булеварот ќе биде пуштен во еден правец, а на пролет и вториот. Кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, како што рече Трајановски, се очекува овој булевар да се спои со заобиколницата и тоа ќе биде вториот влез-излез на Општина Бутел.
Информира и дека се работи интензивно и на ул. „Боца Иванова“ во општина Бутел, но и на „Џон Кенеди“ во општина Чаир.
- Ќе се оди на сообраќајно решение на „Македонско-косовска бригада“, која излегува на Шуто Оризари, преку Топанско Поле и излегува на семафорите на Пластичарската улица. Тоа би бил вториот влез - излез на Чаир, Бутел и Шуто Оризари, рече Трајановски.
Заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, потенцира Трајановски, во Карпош е почнато проширувањето на раскрсницата на бул. „Теодосиј Гологанов“, „Чакаларов“ и „Московска“ и се очекува да биде завршено за еден месец. Истовремено се прави и третиот дел од паркот „Македонија“, карши студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и фекална канализација од „Московска“ па се до ул. „8 Септември“.
За следната година, најави градоначалникот на Скопје, се планира во општина Центар да се прави бул. „Тодор Александров“.
Во Сарај е направена улица „Пет“, се прави проект за водовод, а се гради и ново училиште.
- Водоводот во Шуто Оризари е проект во вредност од околу три милиони евра инвестиција на Град Скопје, општина Шуто Оризари и ЈП „Водовод и канализација“, одговори на прашањето од Груевски за проектите во Шуто Оризари, градоначалникот Трајановски. Претходно, потсети, се изградени спортска сала, училиште, а почнува да се прави проектот за изгрдба на базен.
|