Deutsche Welle

Задолжувањето опасно расте, стандардот драматично опаѓа

Веќе е потрошен 80 отсто од планираниот буџетски дефицит за годинава, а Македонија пак се задолжува, па последиците од ова ќе се одразат врз џебот на граѓаните и компаниите, предупредуваат стопанствениците.

Македонија се задолжува, цените растат, секој ден се затвора по некоја фирма, вртоглаво паѓа животниот стандард. Жешкото ценовно лето, на граѓаните им носи многу стравувања за тешка економска есен и зима. Продавачите веќе забележуваат дека под притисок на цените драстично се сменети навиките на купувачите.

„Растот на цените го направи своето. Ако претходно се купуваа и многу т.н. незадолжителни производи, денес се купува строго наменски: леб, млеко и евентуално уште еден производ. Ништо друго! Викенд акциите со намалени цени ги претворивме во секојдневни акции, но и тоа не дава ефект. Купувачот влегува, купува два-три производи и излегува. Не ни разгледува! Иако бројот на купувачи е ист како и минатото лето, прометот е драстично намален“, вели продавачка од познат синџир на маркети во Скопје.

Шампиони според џини-индексот

Зголемените цените на струјата, на бензините, на автоосигурувањето и патарините дополнително ќе ја намалат куповната моќ на граѓаните, а тоа најмногу на своја кожа ќе го почувствуваат социјално загрозените лица, чија потрошувачка кошница ќе биде уште посиромашна, оценува Мартин Краљевски од левичарското движење „Солидарност“, кое ги следи сите промени во социјалните права, работните односи и животниот стандард.

„Партиите само декларативно се грижат за оваа категорија на граѓани, а во практика не покажуваат никаква социјална ориентираност. Сите тие фамозни 'социјални пакети' за овие лица ги користат за ситни политички поени, а во реалноста проблемите опстојуваат и се продлабочуваат. Логично е да се предвиди дека поскапувањето на струјата само по себе ќе повлече бран на нови поскапувања, пред сѐ кај прехранбените производи, што дополнително ќе го оптовари скромниот семеен буџет на просечниот македонски граѓанин. Тој, според последните синдикални пресметки треба да изнесува нешто повеќе од 32.000 денари за едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите најосновни месечни животни потреби, а тоа се средства кои околу 400.000 граѓани не ги поседуваат. Ваквиот факт ги потврдува и податоците на Евростат, според кои, граѓаните во Македонија се на дното на Европа според животниот стандард, со куповна моќ од само 35% од европскиот просек“, укажува Краљевски.

Според него, овие поскапувања со сигурност ќе доведат до уште поголема класна раслоеност и продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните, кој и онака е висок, а не е проследен со посериозна корекција на владините политики во оваа сфера. Џини-индексот, еден од најрелевантните индикатори за нерамноправната распределба на приходите во една земја, покажува дека само 20 отсто од населението во Македонија го зголемува своето богатство, додека приходите на сите други се во постојан пад. Податоците од Светската банка покажуваат континуиран пораст на џини-индексот на Македонија, од 28,1 во 1998 година до 43,6 во 2010 година. Како што констатира „Солидарност“ во студијата „Богатството и сиромаштијата во Македонија“, со исклучок на Косово и Туркменистан (за кои нема податоци), џини - индексот на Македонија е највисок во цела Европа и земјите од бившиот СССР!

Мерките без ефекти

Со оглед дека македонската влада досега промовираше и спроведе голем број социјални и економски мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните и за зголемување на вработувањата, се наметнува прашањето зошто тие мерки не ги даваат посакуваните ефекти.

Арбен Халили, извршен директор на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, вели дека со популистички мерки не може да се дојде до реални ефекти.

„Донесувањето на т.н. мерки за подобрување на економската состојба во земјата, односно поволности за бизнис заедницата, повеќе личат на популистички мерки отколку на реални мерки кои би имале директен ефект за развојот на бизнисот. Секојдневната комуникација со бизнис заедницата, односно со членството на Стопанската Комора на Северо-западна Македонија, ги потврдува овие наши размислувања. Од една страна, се остава впечаток дека донесувањето на 'поволни законски решенија' ќе ги подобрат економските релации во земјата, но од друга страна, кога се доаѓа до нивно практично спроведување, за жал, ефектите се негативни. Тоа го потврдува и донесувањето на Законот за финансиска дисциплина, кој наместо да ги подобри бизнис релациите, директно влијае на нарушување на релациите меѓу бизнис партнерите. Тие, независно од нивното договарање за исплата на набавената стока или услуга, заради законските одредби, мораат во рок од 60, односно 120 дена да го извршат плаќањето за нив. Проблем во Македонија не е лошата навика за неплаќање на фактурите кон партнерите, туку ликвидноста. А последните зголемувања на цените се доволен показател дека стандардот на живеење во Македонија драстично паѓа. Од друга страна, платите се можеби единствената буџетска ставка која повеќе години наназад не трпи никаква промена. Значи, во Македонија се живее балкански, но со европски цени“, вели Халили.

Но, она што најмногу ја загрижува експертската јавност, е податокот дека веќе е потрошен 80 отсто од планираниот буџетски дефицит за годинава, а Македонија повторно се задолжи, што значи дека последиците ќе се одразат врз џебот на граѓаните и компаниите.

„Експресното донесување на закони во име на подобрување на економските релации, а од друга страна големото финансиско задолжување на земјата надвор, за реализирање на катастрофални непродуктивни проекти, за враќање на тие средства ги товари граѓаните и компаниите преку зголемување на цените не прехранбените производи, патарините, струјата и слично, што е доволен сигнал дека можеби не чекаат уште полоши денови“, предупредува Халили.

Ново задолжување

Владата на Груевски која стекна имиџ дека има „лесна рака за задолжувања“, деновиве соопшти дека Македонија издала еврообврзница со која се задолжи за 500 милиони евра, со каматната стапка за враќање на средствата од 3,97 проценти на годишно ниво со рок на отплата од 7 години. Според Груевски, задолжувањето ќе се употреби за финасирање на буџетските потреби догодина, а според Министерството за финансии парите ќе се користат и годинава.

„Има контрадикторност околу намената на средствата. Премиерот вели само за рефинансирање, за да ги исплати досегашните долгови, а министерот за финанси вели за дефицитите кои се во буџетот. Ова се ситуации кои ја бунат професионалната јавност“, реагираше поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

Според експертите, фактот дека Македонија се задолжува за половина милијарда евра е показател дека нема доволно финансии ниту за тековните трошења, ниту за оние што допрва ќе доспеваат. Следната година, државата по основа на задолжувања и камати треба да врати околу 800 милиони евра. Поранешниот гувернер и министер за финансии, Петар Гошев, потсетува дека сумата ќе биде многу поголема.

„Идната година не може финансиски да помине без буџетски дефицит од минимум 300 милиони евра, што значи дека заедно со доспеаните обврски на Владата ќе и' биде потребно финансирање од најмалку една милијарда евра. Тие пари не може да ги обезбеди од домашниот пазар, а не може ни од досегашните меѓународни поповолни извори на финансирање, бидејќи тие веќе се загрижени од темпото и нивото на задолженост на земјава“, предупредува Гошев.

И покрај кратката „черга“, властите продолжуваат со непродуктивни трошоци. Доказ за тоа е неодамнешната одлука за поставувањето на пет нови споменици во Скопје, наводна донација, која доби зелено светло од градските советници. Опозицијата веќе реагираше дека не верува во образложението дека тие ќе бидат донација од извесно „Здружение за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија“, за кое нема информации ниту кој го формирал, ниту од каде тоа поседува еден милион евра, колку што би била цената на петте споменици.

„Додека буџетски пари и натаму неограничено се трошат за бронза, стандардот забрзано се враќа во бронзено доба“, обвини опозицијата.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...