Deutsche Welle

Боливудско бизнис-шоу без хепиенд

Пропаднатата зделка со Субрата Рој можеби не можеше да се предвиди, но веќе се предвидливи штетите што државата ги трпи поради нереализацијата на планираните инвестиции на индиската компанија.

Во препукувањата помеѓу опозицијата и власта околу тоа колкав е минусот на државното конто, односно кој ја најавил, а кој само обезбедил услови за инвестицијата, се огласија експертите. Раскинувањето на договорот со „Сахара Индија Паривар“ за комбинатот Џумајлија директно му штети на домашното земјоделство поради необработените огромни површини плодна земја што ги побараа Индијците, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Борис Анакиев:

„Кога на чело на министерствата има луѓе неуки за земјоделство кои не знаат какви договори склучуваат, кога нема стручна анализа што е реално, тогаш излегува така. Уште кога се склучи договорот кажав дека тоа е мегаломански проект и дека тоа не може лесно да се реализира. Не за три, туку за десет години. Пропаѓањето на обврските е голема штета. За една реколта од 5300 хектари земја со добра механизација може да се обезбеди најмалку 4 тони пченица и тоа по хектар. Ако се има предвид берзанската цена на пченицата која е околу 250 долари по тон, сега вие помножете 5300 хектари по 4 тони и ќе видете колкава е загубата само за една година. А есенва исто така нема да се насее, така што станува збор веќе за три реколти во кои земјата е необработена, односно остануваме покуси за по 20.000 тони годишно пченица.

Тоа е таа штета благодарение на тој нестручен договор. Да, државата ќе ја активира гаранцијата од 3 милиони евра, но ако земјата се дадеше уште претходно на земјоделците бенефитот ќе беше многукратно повеќе. Видете го само фактот што годишно трошиме 50 милиони долари за увоз на жито, ние сме земја со голем дефицит во производство на храна. Затоа не е добро кога се избрзува со склучување на вакви договори“, смета Анакиев.

Проектот Џумајлија е само дел од мегаломанскиот бизнис што го најави индиската компанија во Македонија кој во наредните пет години треба да достигне 2,7 милијарди евра. По првичната реакција од претставништвото во Скопје дека Сахара Груп нема намера да се повлече од Македонија, засега не се изнесуваат други детали. Според информации на Дојче веле, се чека на детални инструкции од централата на компанијата во Индија, по што ќе бидат појасни идните планови. Засега е јасно само дека договорот за Џумајлија се раскинува, по што ќе следува ново јавно наддавање за нов купувач за агрокомбинатот Џумајлија. Слична судбина веројатно ќе има и проектот за Љубаништа, кој за разлика од Џумајлија беше само предмет на интерес кај Индиецот, кој во меѓувреме се откажа од делот што е сопственост на Македонската православна црква. Државата сепак не се откажува од плановите да ја изгради туристичката развојна зона. Дел од локалитетот веќе е подготвен за јавна лицитација, а за останатиот, кој е предмет на спор со Дебарско-кичевската епархија, се расчистуваат имотно правните односи. Во меѓувреме на терен завршиле археолошките истражувања:

„Истражувањата на терен се завршени, откривме два објекта - базилика рано христијанска од периодот помеѓу 4 и 6 век и уште еден објект што се наоѓа во нејзина близина.

Се утврди точно локацијата, ја одредивме зоната и во моментов се вршат заштитни конзерваторски основи за урбанизација и ќе пропишеме соодветна заштита. Таа ќе мора да се конзервира и да се презентира во просторот кој ќе треба да се урбанизира. Предвидена е и тампон зона помеѓу археолошкиот локалитет и урбанистичката локација. Заштитно конзерваторните основи ќе се вградат во планот. Испитувањата ги правевме по налог на Министерството за култура, се‘ е направено според закон на локалитетот кој отприлика е со големина од околу еден хектар. Дали и кој ќе гради, тоа не е во доменот на нашите ингеренции да даваме мислење“, изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј од Охрид.

СДСМ: Ставрески и Груевски веднаш да ги соопштат вкупните штети

Освен Џумајлија и Љубаништа, Субрата Рој најави и изградба на споменик на Мајка Тереза и хотел на плоштадот Македонија во Скопје, како и инвестиции во филмската индустрија. Во целата неизвесност околу нивната реализација извесни, барем засега, беа потезите или реакциите на опозицијата и власта кои традиционално распукаа меѓу себе.

„Бараме Ставрески и Груевски да излезат и веднаш, лично, да ги соопштат вкупните штети од склучените бизниси со нивниот партнер во затвор Субрата Рој. Од каде сакаат можат да ја соопштат вистината - од трактор, пред пустелијата во Џумајлија, од кајче, пред празните плажи во Љубаништа. Потоа, сите трошоци од случајот Субрата Рој да ги платат од свои џебови, лично Ставрески и Груевски“, повика портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

ВМРО ДПМНЕ: Владата и премиерот никогаш не рекле дека Сахара Груп ќе инвестира

„Владата и премиерот Груевски никогаш не рекле дека Сахара Груп ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Владата единствено соопшти дека компанијата пројавила интерес, а самиот сопственик на компанијата изјави дека ќе инвестира. Прашањето дали таа ќе инвестира или нема да инвестира, е тема која зависи од самиот инвеститор, а задача на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да се бори за секое новоотворено работно место кое значи егзистенција за граѓаните и многу семејства“, реагираше владејачката партија.

Инаку контроверзниот индиски бизнисмен во неговата земја е во затвор заради измама тешка 4 милијарди долари на 2 милиони граѓани преку продажба на недвижности. Неговиот имот е замрзнат, а пред да биде уапсен му беше забрането да ја напушта земјата.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...