Две нови возила за ЈП „Комуналец Полин“ во ДојранДојран, 27 март 2015 (МИА) - Општина Дојран набави две возила за потребите на јавното комунално претпријатие „Комуналец Полин“ кои денеска од страна на градоначалникот Борче Стамов му беа свечено предадени на директорот на претпријатието Никола Лазаров.
Преку проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран од Светската банка, општината ги набави возилата за 8,4 милиони денари со цел да им овозможи поквалитетна комунална услуга на граѓаните. Едното возило е специјализирано за собирање смет, а другото е повеќенаменска градежна машина-Скип.
Двете возила се од големо значење за функционирањето на комуналното претпријатие од причина што по 35 години повторно се купува возило за собирање смет, како и градежна машина која поседува соодветни надградби за вршење на сите водоводни и канализациони активности.
|