Рим, 8 октомври 2015 (МИА) - Градоначалникот на Рим, Инасио Марино, денеска поднесе оставка заради обвиненијата дека со општински пари плаќал ручеци и вечери за своето семејство и своите пријатели, пренесоа британските медиуми.
Марино, кој е член на Демократската партија на премиерот Матео Ренци, ги негира обвиненијата. Тој, меѓутоа, предложи да врати 20.000 евра - сумата која се тврди дека ја платил со службената кредитна картичка на општината.
„Поднесувам оставка“, објави Марино во писменото соопштение, во кое истакна дека ги поставил темелите на подобрата иднина за Рим, но дека неговите напори биле пресретнати од „необузданите реакции“ од економските групи.