Новиот шеф на НАТО за Европа: Да се достави оружје во Украина Брисел, 4 мај 2016 (МИА) - Новиот врховен командант на НАТО силите за Европа, генералот Кертис Скапароти, изјави денеска дека Северноатланската алијанса треба да оцени кој вид на оружје би можело да се достави во Украина заради борбата против проруските сили на теритиријата на земјата.
- Верувам дека треба да ги поддржиме Украинците со она што им е потребно за успешно да ја одбранат својата територија и својот суверенитет, истакна Скапароти, еден час откако ја презеде должноста за командант на НАТО силите за Европа, јавува Танјуг.
Таа функција секогаш ја вршат американски генерали или адмирали, а прв од нив беше генералот Двајт Ајзенхауер, кој врховен командант на НАТО стана во 1951 година.
Скапароти (60), поранешниот командант на американските и силите на ОН во Кореја, го замени на функцијата шефот на НАТО за Европа, генералот Филип Бридлав, кој таа работа ја вршеше три години, во времето кога НАТО мораше да се соочи со зајакнувањето на руските сили и заканата од исламските екстремисти на Блискиот Исток и во Африка.
Новиот шеф на НАТО истакна дека очекува дека ќе има само „ограничен обем на комуникации“ со рускиот воен врв, се додека Москва не започне повторно да се придржува на меѓународните норми и закони.
|