Принцот Хари го брани таткото Чарлс од нападите во медиумите во ЛондонЛондон, 23 август 2017 (МИА) - Британскиот принц Хари побара од медиумите да го „остават татко му на мир“, изразувајќи му јавна благодарност за целата грижа и вниманието што им го посветувал нему и на братот Вилијам, по трагичната смрт на нивната мајка, принцезата Дијана - Една од најтешките работи за еден родител мора да е да им соопшти на своите деца за смртта на другиот родител. Како тој (принцот Чарлс) се справуваше со тоа, не знам, но знам дека тогаш, тој беше покрај нас, изјави во разговор за Би-Би-Си, принцот Хари, помладиот син од бракот на Чарлс и Дијана. Во разговорот, Хари зборува дека и татко му, исто така бил тажен од она што се случи, како што биле и тој и постариот брат, како и дека Чарлс во деновите од смртта на Дијана и потоа „го направил најдоброто што можело да се направи„ во тие тажни моменти. Изјавата на принцот Хари и одлуката да го брани татко му, доаѓа по бројните написи во лондонските таблоиди за бракот и за разводот на Чарлс и Дијана, за неговата вонбрачна врска со Камила Паркер, сега негова сопруга, во кои принцот Чарлс се прикажува како виновник за распадот на бракот со Дијана, па дури и за нејзиниот трагичен крај. Принцезата Дијана, мајката на идниот британски крал, загина во сообраќајна несреќа во Париз, на 31 август 1997 година. Во завршниот извештај за случајот, објавен во 2008 година, се посочува дека несреќата во парискиот тунел Алма, била последица на невнимателното возење на возачот Анри Пол, кај кого во крвта беше најден и алкохол, како и на групата папараци кои го прогонувале автомобилот во кои беа Дијана и нејзниот тогашен љубовник Доди ал Фаед. Тие двајцата и возачот загинаа во уништеното возило, додека несреќата ја преживеа само телохранителот на Дијана. Нејзиниот син Хари сега го осудува како крајно нехумано и неморално однесувањето на фоторепортерите кои го сликале возилото додека во него умирала неговата мајка. Тој за Би-БиСи изјави дека е задоволен што одел во погребната поворка, зад ковчегот со мртвото тело на мајка му. Претходно, во едно друго интервју Хари има речено дека „тоа не би требало да се бара од ниту едно дете на 12-годишна возраст“.
|