вторник, 02.12.2008

  IDIVIDI Мени
Вести / Европа

„Имерисија“: Договорот за ОТЕ ќе биде потпишан до четврток

Атина, 12 мај (МИА) - Договорот за грчката телекомуникациска компанија ОТЕ ќе биде потпишан до четврток 15 мај, пишува денеска грчкиот весник „Имерисија“.

Грчката Влада и германската компанија Дојче телеком преговараат за идниот удел во акциите и за управувањето со грчкиот телеком. 

Минатата седмица Комисијата за приватизација даде зелено светло за зделката, која треба да биде одобрена и од Владата, но и од грчкиот Парламент.

„Имерисија“ тврди дека зделката се наоѓа во финална фаза и дека е договорено Дојче телеком да купи три отсто од акциите што сега се во сопственост на државата.

Германската компанија веќе постигна договор за купување на 20 проценти од акциите на ОТЕ, кои се во сопственост на Марфин инвестмент груп холдингс.

Според весникот во овој договор се допушта можност Дојче телеком до 2011 година да купи 40 проценти од акциите на ОТЕ.

Весникот „Нафтемборики“ смета дека моделот за приватизација на телекомот ќе биде употребен и во други случаи.

- Под сенка на договорот за ОТЕ, Министерството за економија планира да направи серија од помали зделки за приватизација. Први на списокот се пристаништата во Пиреа и Солун, од кои делови ќе бидат дадени на концесија и до 30 години, пишува весникот. дб/ссм/12:18 

###

Аеродромот во Белград ќе добие „лиценца 3Б“

Белград, 12 мај (МИА) - Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград во септември, најдоцна во октомври ќе добие лиценца за „категорија 3Б“, пишува денеска српскиот весник „Политика“.

Новиот систем ќе дозволи авионите да слетуваат во Белград при минимална видливост од само 50 метри и така проблемите со маглата, поради кои аеродромот минатата година често беше затворан, ќе се сведат на минимум.

Во моментот аеродромот има лиценца за „категорија 2“, која дозволува авионите да слетаат при минимална видливост од повеќе од 350 метри. гп/ссм/11:49



###

Околу 60 проценти од Словенците користат Интернет

Љубљана, 12 мај (МИА) - Минатата година Интернет користеле 942.000 Словенци или 59 проценти од населението на возраст меѓу 16 и 75 години, што Словенија ја вбројува меѓу просечните членки на Европската унија, соопшти словенечкиот Научен центар за методологија и информатика.

Првата ваква студија овој центар ја спроведе во 1996 година, кога само четири проценти од словенечката популација користела Интернет.

Слични се резултатите и од истражувањето на компанијата „Ваикон“ во кои се наведува во Словенија најчесто Интернет користат лицата на возраст меѓу 15 и 34 години.

Корисниците на Интернет во Словенија најчесто се интересираат за вести, но и за новини од светот на музиката и филмот.

Најактивни корисници на Интернет се студентите, а по нив следат средношколците и основците, додека најретки посетители се вработените во јавниот сектор.

Компаративните податоци покажуваат дека Словенија се наоѓа во групата просечни земји на Унијата. Според податоците на статистичката служба на ЕУ - Еуростат за 2007 година просечниот број на корисници на Интернет седмично за Совенија изнесувал 52 проценти, додека за ЕУ 59 проценти. дб/ссм/11:20

###

Бизнис хроника

12 мај

Картичките се користат за кеш од банкомати

Кредитните картички во Македонија најмногу се користат за подигање кеш од банкомати. Според последниот извештај на Народната банка, основната намена на овие платежни инструменти е плаќање во трговската мрежа. Се оценува дека има повеќе причини што во земјава картичките не го истиснаа плаќањето во готово, пишува Дневник во денешното издание.

Бизнис-заедницата од Сојузот на стопанските комори смета дека граѓаните се уште немаат создадено навика за купување со платежни картички. Главната причина за тоа ја гледаат во недовршената фискализација. Основните продукти како што се храната и облеката се купуваат на зелените пазари и во локалните продавнички во кои нема фискални каси. Таму граѓаните воопшто не можат да купуваат со картички, па поради тоа прво вадат кеш од банкоматите, па одат на шопинг. За да се подигне степенот на плаќање со кредитни картички, треба да се воспостават услови, велат во ССК.

Од друга страна, пак, пишува весникот, самите трговци го поттикнуваат овој тренд со тоа што даваат попуст на одредени производи ако се платени во готово. Дел од трговците дури и одбиваат да примат кредитна картичка за плаќање евтини производи, како што се гуми за џвакање или кутија цигари.

Во Организацијата на потрошувачи сметаат дека кредитните картички се платежно средство и не би требало трговците да ги одбиваат потрошувачите за каков било производ.

- Се разбира, не можеме да им наредиме со сила да прифатат некоја кредитна картичка бидејќи не се обврзани со закон. Но, Владата подолго време водеше јавна кампања за безготовинско плаќање. Поради тоа треба нешто да се направи на овој план. Проблем е и што со картичка не можете да платите ниту сметка за телефон во „Македонски телеком“, а се работи за реномирана странска компанија, изјави Татјана Тасева од ОПМ.

Од Министерството за финансии посочуваат дека со Законот за регистрирањето на готовинските плаќања е одредено, покрај фискалната апаратура, трговците да поседуваат и посттерминали преку кои ќе ги услужуваат сите потрошувачи.

- Кога се носеше Законот, фокусот беше ставен на фискализацијата, а не толку на безготовинското плаќање. Затоа во изминатиот период имаше јавна кампања и други мерки за поттикнување на трговците да инсталираат посттерминали. Во моментов околу 18.000 трговци го прифаќаат користењето платежни картички, што е многукратно повеќе од пред неколку години, истакна Мартин Мартиновски, портпарол во Министерството.

Според него, проблем за плаќање со картички се провизиите што ги земаат банките за секоја трансакција. Сепак, во споредба со висината пред 18 месеци, провизиите сега се двојно намалени. Тогаш изнесуваа од 3,5 до 4,5 отсто, а сега само еден до два процента. Не можеме да ги присилиме банките да ги намалат овие трошоци, но со текот на времето и со зголемувањето на конкуренцијата провизиите ќе ги снема, верува Мартиновски.

Според последниот извештај на НБРМ за март, во употреба се 860.000 платежни картички, од кои 460.000 се дебитни, 190.000 се кредитни, а останатите се со комбинирана функција. Вкупниот број трговци што прифаќаат платежни картички изнесува 18.210, а може да се плати на 25.796 уреди, наведува Дневник.

Пропаѓа велешката млекарница

Млекарницата на некогашниот агрокомбинат „Лозар“ од Велес се уште не е продадена, иако нов газда добија речиси сите вакви објекти во земјава. Стечајот во велешката млекарница трае шест години, но имотно-правните односи не се решени, објави Дневник.

Објектот, кој беше проценет на 55.000 евра, е руиниран. Со делбениот биланс млекарницата го доби производствениот објект, кој беше запишан и во Катастарот. Но, „Макпетрол“ ја оспори сопственоста. Иако второстепената владина комисија го потврди решението, судската постапка сега е префрлена во Управниот суд, изјави Алексо Поп Икономов, стечаен управник на млекарницата.

До пред две години во фабриката беа ангажирани педесетина работници, но откако дел од опремата беа предадени во Услужниот центар, објектот остана празен.

Македонските излагачи во сенка на големите брендови

На 150 квадратни метри простор, 11 македонски компании од прехранбениот сектор, од саботата се преставуваат на 75. јубилеен Меѓународен земјоделски саем во Нови Сад. Просторот е обезбеден од страна на министерствата за економија и за земјоделство, кои на заеднички штанд ги презентираат можностите за инвестирање во земјава.

Скромниот простор лоциран во четвртата саемска хала, украсен со елементи од македонската фолклорна носија, не побудија поголем интерес кај посетителите. Излагачи како Бонум, Виталија, Коро, Ким, Макпрогрес од Виница, Агрокомерц од Струмица, Техноалат - Хина, Тргоинженеринг (Бест Фуд од Радовиш), како и Нимекс - СА од Штип, Гема Пласт и Димкомерц од Валандово, поминаа во сенка на познатите брендови од просторите на поранешна Југославија како Агрокор, Свислион, Краш, Карнекс... Образот во Нови Сад единствено ни го обели винарската визба Тиквеш. Винаријата ќе се закити со наградниот пехар на саемот, кој е признание за нивниот висок квалитет на белите и црвени вина, пишува Вечер во денешниот број.

Новосадскиот саем, кој е еден од најголемите во Европа и со 85-годишна традиција, на гламурозен начин го отвори претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ. Манифестацијата ќе трае до 17 мај, а во 36-те хали ќе се претстават 2.000 излагачи од 60 земји во светот. И годинава се присутни најголемите бренд имиња од земјоделската механизација, заради што организаторот очекува саемот да има рекордна посетеност од околу 700.000 гости. Саемска атракција во делот на сточарството се фармите за одгледување муви и полжави. Земјоделците пак, ќе можат да купуваат современа механизација по промотивни цени, пониски од 1.000 до 2.000 евра.

Пази... неисправно скеле!

Градежници, земјоделци, транспортери, полиција и работници кои работат во електростопанството, се изложувале на најголем ризик минатата година. Токму во овие професии, лани на годишно ниво биле регистрирани најмногу смртни случаи и сериозни повреди, објави Вечер.

Дури 41 лице доживеало смрт на своето работно место и тоа 12 лица од нив биле градежни работници, петмина се занимавале со транспорт, четворица земјоделци и по двајца од секторот МВР и Електростопанство. Сериозни повреди на своето работно место лани имале 57 лица и повторно од споменатите ризични сектори.

Според истражувањето што го спровело Македонското здружение за заштита при работа, најголем број од повредите и несреќите се случиле во Скопје, а потоа следуваат Куманово, Тетово и Струмица. Од Здружението посебно потенцираат дека од страна на надлежните институции е потребна детална истрага и анализа за да се утврдат вистинските причини за настанатата смрт или сериозна повреда, бидејќи е забележано несовпаѓање на податоците со кои располага Трудовата инспекција за несреќи на работно место. Имено, инспекторите лани регистрирале 18 смртни случи, четири колективни повреди и 176 потешки повреди.

- Најголем број од несреќите се предизвикани од несоодветните услови во самата работна средина, што настануваат заради пожари и експлозии, а добар дел и заради насилства и вооружени напади, информираат од Здружението.

Затоа тие апелираат кон државата под итно да започне со соодветно и реално евидентирање на повредите при работа, како и истражување за причините што ги предизвикале. Тие сметаат дека тоа е морална должност кон сите оние кои ги изгубиле животите и своето здравје на работното место и уште повеќе кон оние кои секојдневно се наоѓаат во состојба да станат жртва на работното место. Од Здружението предлагаат државата детално да ги следи ваквите состојби во период од пет години и да изработи посебна програма за надминување на ваквите состојби.

Во рамките на ЕУ на годишно ниво се случуваат над 4,5 милиони повреди на работното место кај лица кои имаат повеќе од три дена работно искуство. Добар дел од овие повреди завршуваат трагично и тоа за 6.000 работници. Несреќите на работното место во рамките на ЕУ резултираат со губење на околу 200 милиони работни денови, што на годишно ниво изнесува загуба од 2,8 до 3,6 проценти од бруто-националниот производ на ЕУ.

Онтел - втор фиксен оператор

Онтел ќе се вика вториот фиксен оператор во земјава кој на пазарот ќе почне да функционира како посебен бренд произлезен од компанијата Он.нет, а поддржан од Групацијата на Телеком Словенија. Новиот оператор започнува со работа денеска и како што најавуваат од Онтел, ќе воведат нови и најповолни услуги за корисниците на фиксна телефонија, објави Вечер во денешното издание.

Досега од Он.нет имаше неколку најави за почеток на нудење телефонија во локалниот сообраќај, посебно за Скопје, но сите рокови од раководството беа пролонгирани поради тоа што им беше неисплатливо поради скапите услови за интерконекција што им ги наметнува Македонски телеком. И овој пат ќе стартуваат со загуба која им е вкалкулирана, но од Он.нет се надеваат дека Агенцијата за електронски комуникации, како регулаторно тело ќе успее да обезбеди фер услови за работа за сите конкуренти на Телекомот.

Пазарот на фиксна телефонија, пишува весникот, законски е либерализиран веќе две години, но во пракса состојбата е поинаква. Граѓаните досега немаа можност да бираат оператор бидејќи единствено Македонски телеком ја обезбедуваше фиксната телефонија, особено во локалниот и националниот сообраќај.

Се тргуваше на ситно

Анемија на Македонската берза во неделата што измина. Малку продавачи на акции и купувачи што тргуваа на ситно. За петте берзански дена беше остварен промет од 2,1 милиона евра, вклучувајќи ги и блок трансакциите на Комерцијална банка и на дебарската компанија Кнауф Радика, објави Вечер.

Поголем дел од истргуваниот капитал на Комерцијална вреден 800.000 евра се продаде во блок трансакција, а дел во класично тргување. Со промет од 166.000 евра, втора на листата беше фармацевтската компанија Алкалоид. Беа продадени 1.159 акции, но нивната вредност беше за 0,8 проценти помала од претходната недела. Во петокот беше продаден капитал на Макпетрол за 146.000 евра, а од градежната компанија Гранит се истргуваа акции за 98.000 евра. Нешто помалку или за 95.000 евра се истргуваа акции на Топлификација, а на Макстил се продадоа 8.500 хартии од вредност за сума од 58.000 евра.

Минатата недела најголем раст од 4,2 проценти имаше акцијата на градежната компанија Бетон. Акцијата на Комерцијална банка порасна за 1,4, а на Гранит за 0,1 проценти. Најголем пад, пак, имаше акцијата на РЖ Услуги од 4,9 проценти, на Топлификација од 3,3, на ОКТА од 2,2 отсто, а на Макпетрол од 1 и на Алкалоид од 0,8 проценти.

И покрај намалениот промет, позитивно е што речиси сите фирми од котација прикажуваат тримесечни неревидирани биланси на успех, кои се подобри од тие што ги објавија лани.

Државата дели субвенции, храната и натаму скапа

Субвенциите што ги намени Владата за земјоделците нема да ја постигнат најавената цел, а тоа е поевтино и развиено земјоделско производство, како обид да се одговори на предизвикот што го наметнува светската криза за храна пишува Утрински весник.

Токму субвенционирањето на земјоделството, наведува весникот, беше еден од адутите на власта за продукција на поевтина храна и намалување на инфлацијата, но таа и натаму не покажува знаци на намалување.

Сумата наменети за субвенционирање во текот на оваа година, во висина од 45 милиони евра, се смета за доволна само на кратки патеки. На подолг рок, се проценува дека оваа мерка и нема да даде ефект, бидејќи не се очекува зголемување на површините под земјоделски култури или пораст на сточниот фонд. Причина за тоа се високите трошоци за вложување во земјоделското производство, како и климатските промени кои не дозволуваат плански да се произведува.

Земјоделците, пишува весникот, се жалат дека тие воопшто не биле консултирани за распределба на субвенциите, иако тие на терен подобро ги уочуваат проблемите и знаат кои би биле најоптималните ефекти од поделба на државните пари.

- Предвидените 45 милиони евра за поддршка на земјоделството во 2008 година се солидна сума и се многу повисоки од средствата кои порано беа делени на земјоделците, но нема да бидат ефикасно искористени поради лошата распределба. Ние сугериравме поинаков начин на искористување на средствата, но ниту еден наш предлог не беше прифатен, вели Меџит Амити, од Федерацијата на фармери на Македонија.

Поделбата на субвенциите, како начин државата да се справи со високата инфлација, но и да го развие земјоделството, според земјоделските експерти, е однапред изгубена битка. Главни причини се немањето стратегија за земјоделското производство, како и исцрпеноста на оваа гранка, која со години е запуштена. Експертите сметаат дека инфлацијата ќе го изеде профитот и на производителите на храна, со оглед на тоа дека цените на репроматеријалите што се користат се повисоки, а се поскапени и сите други животни потреби.

Малите субвенции кај некои култури, како што се сончогледот и маслодајната репка, за кои се добива по сто евра за хектар, нема да бидат доволен поттик за нивно враќање на нивите, бидејќи во земјава е изумрена традицијата за нивно одгледување. Од друга страна, токму цената на овие суровини во светот бележи рапиден скок поради намалувањето на приносите, но и поради производството на биогориво.

- Оваа година субвенциите во земјоделството се прениски за да овозможат надолни корекции на цената на храната. Основна причина за тоа се многуте ставки на кои се распределени парите за субвенционирање, што практично го намалува нивниот ефект, велат земјоделците.

Според нив, тие во никој случај нема да влијаат врз намалување на цените на земјоделските производи.

- Кај земјоделците е изгубена традицијата за производство на репката и на сончогледот, кои се клучни за добивање масло за јадење, па тешко е веројатно дека субвенција од 100 евра ќе биде поттик за земјоделците да почнат да ги сеат овие култури, а токму тие на светските берзи достигнуваат вртоглаво високи цени, велат во ФФМ.

Според преработувачите на земјоделските култури, иднината на производството на храна е обезбедување домашни суровини за преработка. Засега оваа насока кај нас е маргинализирана, па преработувачите увезуваат суровини или полуфабрикти заради нивна доработка и пласман на пазарот.

За министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, субвенциите се добар начин за развој на земјоделството.

- Со правилно насочување на земјоделството преку субвенционирање за производство на одделни култури или зголемување на сточниот фонд, очекуваме наредниве години да дојде до зголемување на земјоделските приноси, но и приходи за земјоделците. Моделот на сувенционирање што го нудиме ние е пофален и од ЕУ и е така скроен Владата да не плаќа пенали заради поддршката на оваа гранка, вели Спасеноски.

Статистичките податоци покажуваат константно зголемување на цените на земјоделските производи, што повлекува и најголем дел од порастот на инфлацијата. Поскапувањето на земјоделските производи најмногу се должи на растот на вредноста на инпутот, односно зголемување на цените на влезните трошоци во производството на храна.

Согласно со Програмата за поддршка во земјоделството, пченицата, пченката, јачменот, оризот, сончогледот, маслодајната репка и сојата ќе се субвенционираат со 100 евра од хектар. Средства ќе добијат сите производители на житни култури кои располагаат со површина од минимум половина хектар.

Од 17 мај „Македонски телеком“ со нови пакети

Со ребрендирањето, „Македонски телеком“ ќе почне со воведување новини што ќе опфаќаат надградба на телекомуникациската инфраструктура во Македонија.

Оттаму, пишува Утрински весник, најавуваат воведување атрактивни пакети на интегрирани производи на телекомуникации, Интернет и Интернет- телевизија, поедноставни телефонски услуги со подостапни фиксни тарифи, понуди на атрактивна комуникациска опрема, како и најкомплетни и технолошки напредни пакети на решенија за комуникации и поврзување за потребите на нашите деловни корисници, итн.

Почнувајќи од 17 мај, на резиденцијалните и на бизнис- корисниците ќе им се понудат нови тарифни модели. Резиденцијалните корисници ќе имаат можност за минимална месечна претплата да користат бесплатни локални и национални разговори секој ден во периодот од 19 до 8 часот. Овој тарифен модел најмногу им одговара на корисниците кои сакаат долго и безгрижно да разговараат на телефон, како што се домаќинки, тинејџери и слично. Понудата овозможува долги разговори, без страв од големи телефонски сметки, едноставност и заштеда, како и намалување и контрола на телефонските месечни сметки.

Прв пат на пазарот, „Македонски телеком“ нуди различни тарифни опции за сегментот на мали деловни корисници. Станува збор за два нови тарифни модели кои нудат целосно нова шема на тарифирање, со вклучени разговори во месечната претплата и атрактивни цени. Малите бизнис-корисници на тој начин ќе стигнат до заштеда - намалување и контрола на сметките, но истовремено тарифните модели овозможуваат атрактивни цени кон поскапите дестинации.

Од септември на пазарот ќе се воведе и ИПТВ (Интернет- протокол телевизија)

Фискализацијата ќе ги збрише пазарите

Триесет илјади пазарџии работат противзаконски, не издавајќи фискална сметка за производите кои ги продаваат на своите тезги, пишува во денешниот број Време.

Помина веќе една година откако е донесен законот за фискализирање на зелените пазари, а само 0,1 процент од пазарџиите користат фискален апарат. Пазарџиите велат дека нелогично е да се бара фискализација на зелените пазари бидејќи цените не се стабилни.

- Цената на производите се менува трипати во денот. Утрово јаготките кои ќе ги донесат се свежи, но до пладне поголемиот дел од нив ќе скапат. Затоа почнуваме секогаш со една цена, која пред пладне ја намалуваме, а веќе пред крајот на работното време цената е двојно пониска, вели еден пазарџија.

Екрем Долек, претседател на Здружението за заштита на пазарџиите „Просперитет“ вели дека ако успее фискализацијата, пазари нема да има.

- Никаде во светот нема фискализација на пазарите. Прехранбените артикли се подложни на расипување. Ако дојде до фискализација за да фрлиш 20 килограми домати треба да повикаш инспекција која треба да ти направи записник за тоа, со што потоа ќе бидеш ослободен од плаќање данок за овие производи, вели Долек.

Тој објаснува дека од Министерството за економија побарале фискализацијата да биде заменета со паушален систем на плаќање, според кој секој пазарџија годишно ќе треба да плаќа одреден паушал кон државата.

- Со паушалениот начин на плаќање пазарџите ќе се регистрира во општините каде се наоѓа пазарот. Општината ќе издаде годишна лиценца со што тие што се воделе како невработени и како социјални случаи се бришат како такви и се водат како фирми-поединци, вели Долек.

Од Скопски пазар кој го држи поголемиот дел од пазарите во главниот град велат дека за потребите на пазарџиите се набавени 200 фискални апарати.

- Скопски пазар уште со донесувањето на законот за фискализација на корисниците на пазарните услуги, набави 200 фисклани апарати кои им се оставени на располагање на корисниците на тезги на зелените пазари, велат надлежните.

 Од таму истакнуваат дека не можат да им наметнат на пазарџиите да го почитуваат законот и да користат фискални каси.

- Тоа е нивна индивидуална обврска и зависи од нивната совест и од одговорноста. Скопски пазар од своја страна направи се за да им го олесни исполнувањето на таа оврбска финансирајќи ги фискалните каси и ставајќи им ги на располагање. Како позитивен пример можеме да ги истакнеме тие корисници на тезги кои имаат годишни договори за закуп и кои ги користат фискалните каси, а некои од нив имаат дури набавено и сопствени уреди, истакнуваат од Скопски пазар.


Наjновo од Вести
Српскиот режисер Желимир Жилник ќе гостува во Кинотека на Македонија
Српскиот режисер Желимир Жилник ќе гостува во Кинотека на Македонија
Тирана најавува нова национална стратегија против СИДА-та
Тирана најавува нова национална стратегија против СИДА-та
Седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите
ЕК претстави план за борба против измами со ДДВ
Романот „Трчај дома“ од Лори Лансенс, најново издание на клубот „Матица“
ЕК повика на засилување на политиката на превенција од инфицирање со ХИВ/СИДА меѓу младите лица
Саркози, Туск и Тадиќ меѓу кандидатите за „европски политичар на годината“
Затвор за мајка во Германија поради убиство на две бебиња
Флоранс Хартман пред Хашки трибунал на 5 февруари идната година
Поплава во Венеција
Eксплозија во фабрика за пластика и хемикалии во англиската област Беркшир
На повидок втор референдум за Лисабонскиот договор во Ирска
Берлускони во нов судир на интереси
Државата ќе им дава хероин на зависниците во Данска
  IDIVIDI Сервиси
Едукација
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Кој е кој
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
Астрономија
Deutsche Welle
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
 
корисничко име
лозинка
WEBmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
A1 телевизија
IDIVIDI™, Copyright Македонски Телеком - 2004
преземи