Вести / Европа
Две села со руски Лезгини- нова критична точка на Кавказ
Москва, 15 мај (МИА) - Две села на северот на Азербејџан, населени со етнички Лезгини кои имаат руско државјанство, побараа да добијат статус на руски енклави, пишува денешниот весник „Московски комсомолец“, истакнувајќи дека на Кавказ може да се појави уште едно кризно жариште и дека „наскоро целиот регион може да се претвори во Југославија од почетокот на 1990-тите години“, пренесува Танјуг.
Рускиот весник наведува дека локалното население од населбите Храјоба и Урјаноба- со 230 жители, уверени се дека имаат основ за барањето за присоединување кон Русија, потоа на таа територија да се применува рускиот Устав, да учествуваат на руските избори, а мажите да служат во руската армија.
Покрај ова, многу жители, како што се наведува, имаат блиски роднини во руската република Дагестан, а истакнуваат дека не постојат никакви документи дека овие села по распадот на СССР се предадени на управување на Азербејџан, кој ги смета за своја територија.
Весникот „Времја новостеј“ пишува дека од вчера во Москва се оддржува дводневен научен симпозиум за Кавкаската Албанија ( древна држава во источно Задкавказје, сееврно од реката Кура до Каспсикото езеро) и лезгинските народи, а низ азербејџанските и грузиските медиуми се наведува дека собирот на Азербејџан ќе му даде скапоцен „подарок„ - уште еден конфликт.
Според весникот, во 1991 година Лезгините се најдоа поделени со границата меѓу Русија и Азербејџан, а според пописот на Баку од 1999 година регистрирани се 178.000 Лезгини, додека во соседната република Дагестан ги има уште приближно 300.000.
Лезгините тврдат дека нивниот број од двете страни на границата е милион лица, наведува „Времја новостеј“.
Грузискиот информативен сајт „ Грузија онлајн“ истакнува дека „се чини Русија, која во последно време спроведува политика на признавање на сепаратистичките режими со цел да го зачува регионот на јужен Кавказ во сферата на свое влијание, сега почна план за завземање на целиот регион“.
-Во Абхазија се сместени 3.000 војници, оклопна техника и тешка артилерија. Фактички Русија се наоѓа во состојба на војна со Грузија, а играњето на „лезгинската карта“ сведочи дека слична закана не го заобиколи ниту Азербејџан, оценува грузискиот медиум.
|
|