Вести / Европа
Наташа Кампуш го обвинува Фрицл дека лаже кога изјавува дека ја сака ќерка си
Берлин, 16 мај (МИА) - Наташа Кампуш, младата Австријка која повеќе од осум години беше во заробеништво на психички болен маж, го обвини Јозеф Фрицл дека лаже кога изјавува дека ја сака ќерката Елизабет, која ја држел и злоставувал 24 години во сопствен затвор.
- Монструозно е што тој тврди дека ги сака сопругата и ќерката, тој лаже! Јозеф Фрицл се сака само себе си, тоа што тој го направил е погрешно, изјави 20-годишната Наташа во интервју за германското списание „Бунте“.
- Во мојот случај човек се прашува како еден наполно непознат човек може да киднапира деца од родителите и да нанесе тешка траума за цело едно семејство, но Фрицл го направил тоа на сопственото дете, на сопственото семејство! Тоа е уште поневеројатно, додава Наташа Кампуш.
Таа како отштета ја доби куќата на киднаперот Волфганг Приклопил, кој се самоуби на денот на нејзиното бегство.
- Треба да плаќам за куќа, во која никогаш не сум сакала да живеам, забележа Наташа, признавајќи дека куќата, која ја посетила извесен период, веќе не изгледала толку застрашувачки, но за неа е се уште место на ужас.
Киднапирана на 10-годинашна возраст, додека одела на училиште во март 1998 гоина, младата Австријка успеа да избега осум години подоцна, на 26 август 2006 година.
|
|