
|
 |
Вести / Европа
|
|
Последните членови на култот на судниот ден во Русија ја напуштија пештерата во која живееја
Москва, 16 мај (МИА) - Последните преживеани членови на руската секта на судниот ден, излегоа од пештерата во која живееја од октомври минатата година, чекајќи го крајот на светот, јавуваат руските медиуми.
Руските власти ја следеа состојбата од ноември минатата година, а во март 21 член на сектата ја напушти пештерата, која се наоѓа во регионот Пенза во централна Русија.
Според Владимир Провотров, претставник на локалните власти, тие одлучиле да ја напуштат пештерата, поради „вистинска закана од труење со токсичните испарувања од телата“ на двајца починати членови на култот, кои почнале да се распаѓаат.
Членовите на култот, кои се нарекуваат „вистински ортодоксни верници“ предвидуваа дека во мај ќе стапи крај на светот, поради што се изолираа во пештерата со големи залиха на храна и други потребни средства.
Тие се закануваа дека ќе се саморазнесат со околу 100 галони бензин доколку властите ги принудат да излезат од пештерата, што се наоѓа во шума во близина на селото Никоскоје.
Култот на „Вистинската руска ортодоксна црква“ го основаше самопрогласениот пророк Пјотр Кузнецов, откако се одвои од официјалната црква. Кузнецов ги „благослови“ неговите следбвеници, пред да ги прати во пештерата, но тој лично не им се придружи.
Тој беше обвинет за формирање религиозна организација која предизвикува насилство и е сместен во психијатриска установа.
Дваесет и девет лица, вклучувајќи и четири деца, од кои едно на возраст од 18 месеци, заминаа во пештерата, следејќи ги инструкциите на Кузнецов.
Четириесет и три годишниот Кузнецов, инженер, кој потекнува од многу религиозно семејство, се прогласи себе си за пророк пред неколку години, по што го напушти семејството и почна да живее во Николскоје. Тој започна со пишување книги, во кои комбинираше сфаќања од повеќе познати религии и посетуваше манастири во Русија и Белорусија, каде собираше следбеници.
Кузнецов нагласуваше дека неговите следбеници веруваат оти по смртта тие ќе ги судат останатите за тоа дали ќе заминат во пеколот или рајот. На неговите следбеници им беше забрането да гледаат телевизија, да слушаат радио, да имаат допир со пари и да конзумираат фабрички изработена храна, која има универзален код, бидејќи верувале оти е обележана од сатаната.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|