
|
 |
Вести / Европа
|
|
Велика Британија за прв пат по завршувањето на “студената војна“ ја означи Русија како закана
Лондон,4 јули (МИА) - Русија за прв пат по завршувањето на "студената војна", е означена како закана за безбедноста на Велика Британија,тврдат домашни разузнавачки извори, на кои се повикуваат британските медиуми.
Како што пренесува дописникот на МИА од Лондон, според сознанијата на контраразузнавачката служба МИ5, Велика Британија е "одново преплавена" со руски разузнавачи, што се совпаѓа со растечкото влошување на британско-руските односи по взаемните обвинувања во врска со убиството во Лондон на поранешниот руски разузнавач Александар Литвиненко.
Дејли телеграф открива дека како што расте бројот на богатите Руси кои се преселуваат во Велика Британија и Лондон го одбираат како база за натамошно ширење на својот бизнис, така паралелно расте и бројот на разузнавачите од Русија.
Британските безбедносни служби тврдат дека Борис Березовски, поранешен руски олигарх, а сега политички дисидент, кој има потрошено "големи пари" за опозиционите активности против поранешниот претседател на Русија Владимир Путин, е главната цел на двете руски разузнавачки служби СВР и ГРУ.
МИ 5 прави "очајнички напори" за да спречи уште еден атентат на британска почва, по урнекот на оној врз Литвиненко, пренесуваат домашните медиуми.
Во анализите на британските разузнавачки агенции, Кина, исто така, се посочува како земја која го има зголемено бројот на своите разузнавачи на британскиот терен и тие се главно насочени кон индустриското и технолошкото шпионирање.
Агенцијата МИ 6, сепак, вели дека Ал Каеда и Иран остануваат главната закана за британската безбедност и нејзините активности главно се насочени кон нивното неутрализирање.
Откритијата дека Русија е високо рангирана како закана за Британија, доаѓаат непосредно пред "важната средба" на премерот Гордон Браун со рускиот претседател Дмитриј Медведев на маргините на самитот Г8 во Јапонија. Во Лондон се вели дека на таа нивна прва билатерална средба ќе се направи напор за смирување на тензиите меѓу двете држави и за почеток на подобрување на односите меѓу Лондон и Москва.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|