Руските воени сили се повлекоа од грузискиот град Сенаки
Москва, 11 август (МИА) - Руските оружени сили се повлекоа од западниот грузиски град Сенаки, откако ја отстранија опасноста од напад врз територијата на Јужна Осетија, соопшти руското Министерство за одбрана.
Руската армија го напушти Сенаки, бидејќи повеќе не постоела опасност од напад врз Јужна Осетија откако грузиските копнени сили, кои биле распоредени во реонот, се повлекле.
Претходно, портпаролот на грузиското Министерство за внатрешни работи Шота Утиашвили соопшти дека руската војска навлегла во грузиските градови Сенаки и Зугдиди, во близина на сепаратистичкиот регион Абхазија.
Тој наведе дека руската војска ја зазела и грузиската воена база во Сенаки.
- Воената база била напуштена, во неа имало само неколку луѓе од обезбедувањето, наведе Утиашвили.
Руското Министерство за одбрана попладнево потврди дека во реонот на Сенаки се водат воени дејствија.
|