САД испрати посредник за решавање на руско-грузискиот конфликт
Вашингтон, 11 август (МИА) - Вашингтон испрати висок дипломат како посредник за изнаоѓање решение за руско-грузискиот конфликт, истакна портпаролот на Стејт департментот Роберт Уд.
Заменик-помошникот на државниот секретар Метју Брајза, кој е одговорен за Европа и Евроазија, денеска пристигна во Тбилиси.
- Тој ќе учествува во меѓународните посреднички напори, додаде Уд.
По неговото пристигнување во Тбилиси, тој изјави дека „САД го поддржуваат територијалниот интегритет на Грузија“.
- Русија претходно се подготвувала за влез во Грузија. Слушнавме изјави, според кои руски инженерски војски, влегле пред неколку месеци во Абхазија со хуманитарна мисија. Сега ја знам вистината дека нивната задача била да воспостават железничка линија за оружјето и другите воени достави, кои би и помогнале на руската инвазија, објасни Брајза на аеродромот во Тбилиси.
Претходно, министрите за надворешни работи од Г-7 ја повикаа Русија итно да го прекине огнот со Грузија и да го почитува територијалниот суверенитет на земјата.
Шефовите на дипломатиите на Г-7 изразија поддршка на напорите на министрите за надворешни работи на Франција и на Финска, Бернар Кушнер и Александар Стуб, за нивните напори за решавање на конфликтот во Јужна Осетија. Тие исто така изразија загриженост и за цивилните жртви.
Во Г-7 членуваат Италија, Франција, Јапонија, Велика Британија, Германија, САД и Канада.
|