
|
 |
Вести / Европа
|
|
Најниска продажба на автомобили во Велика Британија во последните 40 години
Лондон, 5 септември (МИА) - Продажбата на нови автомобили во Велика Британија е најниска во последните 40 години, покажува извештајот за движењето и состојбите во оваа стопанска гранка.
Економските експерти велат дека тоа е уште еден доказ за проблемот со која се соочува земјата и претставува „најдраматичен знак“ за движењето кон рецесија на што се укажува веќе подолго време.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, претставник на британската автомобилска индустрија предупреди на можноста од натамошно опаѓање на производството, а посебно на продажбата на нови возила, објаснувајќи го тоа со високата цена на нафтата и на бензинот, како и со вкупното економско забавување што го забележува пазарот.
Најголем пад во продажбата е забележан кај најскапите и најексклузивни возила „Астон Мартин“, од кои оваа година се продадени само 19 автомобили, што претставува опаѓање на продажбата за повеќе од 67 отсто. Висок процент на намалена продажба бележат и возилата од марката „Ленд Ровер“ (58 отсто), како и „Јагуар“ од 41 отсто. Во целосно иста ситуација се наоѓаат и скапите странски автомобили, како што се „Мерцедес“ и БМВ.
Според британските аналитичари на пазарот, домашните потрошувачи години по ред се задолжуваа кај банките, позајмувачите на пари и кај фирмите, купувајќи најразлични производи, но сега веќе го менуваат курсот и почнуваат да го „стегаат ременот“, внимателно трошејќи пари и свртувајќи се кон поевтините производи и марки. Причина за тоа е поскапувањето и на храната, чија цена, според истражувањето на Би-Би-Си, оваа година во просек е повисока за цели 40 отсто.
„Драматичното зголемување“ на цената на храната предизвика просечната потрошувачка кошница во Британија годинава да е поскапа за 8,5 отсто. Тоа предизвикува намалување на продажбата во најскапите лондонски самопослуги, каде обично се нудат ексклузивни прехранбени производи.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|