Големи загуби во економијата на Русија поради корупција
Москва, 15 октомври (МИА) - Штетата што ја предизвикува корупцијата врз руското стопанство е речиси 40 милијарди рубљи (1,5 милијарди долари), проценуваат руски аналитичари.
- Поради големата прикриеност, вистинските размери на корупцијата е неможно точно да се одредат, изјави рускиот министер за внатрешни работи Рашид Нургалиев во интервју за Росијскаја газета.
- Размерите се проценуваат само со помош на социолошки истражувања и мислења на експерти. Така, по мислење на парламентарна комисија за борба против корупцијата, вкупната штета врз стопанството на Русија е 40 милијарди рубљи годишно додека според некои проценки на странски експерти е над 20 милијари долари, изјави Нургалиев.
Според анкети, како што наведе тој, повеќе од 70 отсто Руси се среќаваат со некој облик на уцени со мито.
- Најлошо е што според истражувања на социолошки центри, поголемиот број Руси корупцијата ја доживуваат не како криминална појава туку како нормален услов за живот, вели тој. Процесот на заздравување на општествените односи е многу долг и може да потрае и повеќе од десет години, смета министерот.
|