Бомбашот самоубиец кој се преобрати во ислам, Судот во Лондон го прогласи за виновен
Лондон, 15 октомври (МИА) - Еден млад англичанец кој се преобрати во исламот земајќи го името Мохамед Расид Саед Алим, е прогласен денеска за виновен на судењето во Лондон, поради неговиот неуспешен обид, во мај оваа година, да изврши терористички напад во ресторан во градот Ексетер, во југозападна Англија, јави дописникот на МИА од Лондон.
Дваесетидве годишниот Ник Рајли, во тоалетните простории на ресторан во Ексетер, влегол со ранец во кој имало три експлозивни направи што тој, според инструкциите кои ги нашол на интернет, ги направил во својата соба.
Планот му бил да предизвика силна експлозија од која би загинале многу луѓе кои тоа време се наоѓале во ресторанот, но ракувајќи со бомбите, една од нив му експлодирала, нанесувајќи му тешки последици, од кои тој се уште се опоравува.
Во текот на судењето беше утврдено дека Рајли бил опседнат со терористичките напади од септември 2001 година во Њујорк и Вашингтон, гледајќи ги постојано снимките од она што се случи со тамошниот Светски трговски центар или зградата на Пентагон.
Рајли, или Мохамед Алим, затоа, настојувал по секоја цена да изведе и тој нешто такво во Британија, но не отишол подалеку од областа Девон и неговиот роден Плимут, каде постојано живеел.
Неговиот адвокат на судењето објасни, дека судот треба да води сметка за тоа дека Ник Рајли е млад човек кој има интелегенција на дете од 10 години, но судот сепак го третираше како бомбаш самоубиец, а неговото дело како терористички напад.
|