
Москва, 13 април (МИА) - Руските безбедносни агенции од почетокот на годината спречија 10 терористички напади и уапсија 170 екстремисти, соопшти денеска директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников.
Во операциите на безбедносните служби се запленети и 150 килограми експлозив и 100 рачно изработени бомби, а е откриена и терористичката мрежа од над 40 лица, која го организирала нападот во возот на релација Москва-Санкт Петербург на 27 ноември 2009 година, при што загинаа 26 лица. Од членовите на оваа група 26 се ликвидирани, а 14 се уапсени.
Според Бортников, ФСБ има сознанија дека постои врска меѓу нападите во московското метро на 29 март и оние во Кизљар во кавкаската автономна Република Дегестан два дена подоцна. При нападите во московското метро загинаа 40 лица, а во Кизљар 12.
- Извршителите и организаторите на терористичките напади во московското метро и во Кизљар се идентификувани, нагласи Бортников.
Одговорност за нападите во возот Москва-Санкт Петербург и во московското метро презеде чеченскиот сепаратистички лидер Доку Умаров, кој објави дека тие се реакција на „политиката на (рускиот премиер) Владимир Путин во Северан Кавказ“.