Брисел, 13 февруари 2014 (МИА) - Ромите се вистинскиот проблем за слободата на движењето во Европската унија, изјави заменик-претседателот на Европската комисија Вивиан Рединг синоќа на конференцијата, организирана во Европскиот парламент од пратениците Марија Габриел (ГЕРБ/ЕНП) и Кристиан Дан Преда (ЕНП, Романија).
- Да го наречеме проблемот - проблем со ромското население, 10 до 12 милиони европски граѓани, кои живеат речиси насекаде, не само во Бугарија и Романија, во голема сиромаштија. Да кажеме искрено, тоа е нашиот проблем, додаде Рединг.
Таа нагласи дека сите 507 милиони жители на Европската унија имаат еднакви права и додаде дека никогаш во изминатите децении на постоењето на Унијата не била сведок на вакви силни напади врз едно од основите права, слободата на движењето, упатени од политичарите и медиумите.
- Дебатата е полна со неосновани тврдења. Неопходно е да се приземјиме, да ги погледнеме податоците. ЕП ја разгледа оваа тема и се радувам дека мнозинството од европратениците се согласни дека не можеме да го преразгледуваме едно од основните прашања, истакна Рединг.
Таа појасни дека главна причина за заминувањето на Европејците во друга држава од ЕУ е за да работат. Вкупно 75 проценти од мигрантите се работоспособни, а 77 отсто од Европејците во Велика Британија и 72 отсто од Британците работат, додаде Рединг.
Таа нагласи дека секое право има и свои обврски. - Има слобода на движењето, но не и на добивање социјална помош. Злоупотребите, дури и за кусо се многу опасни, бидејќи водат до проблем, кој е многу поголем од актуелниот, а со тоа се поставува под знак прашање слободата на движењето, истакна Рединг.