Во радовишко Ораовица се реализираат неколку инфраструктурни проектиШтип, 26 август 2015 (МИА) - Во радовишкото село Ораовица во тек е реализација на неколку проекти, кои се значајни за жителите на ова место.
Градоначалникот на Општина Радовиш, Сашко Николов информира дека во завршна фаза е целосната реконструкција на „Домот на културата“, за што средствата се обезбедени како грант од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој.
- Отпочнати се работите и на мултифункционалното игралиште со трибини, гумиран под и рефлектори. Средствата се обезбедени од буџетот на општината. Активно се работи и на поплочување со бекатон плочки на четири-пет улици во оваа населено место за што средствата се обезбедени од општината. Сите овие проекти им ги должевме на жителите на Ораовица, бидејќи тие и тоа го заслужуваат, истакна Николов, упатувајќи благодарност до АФПЗРР, Министерството за финансии и Владата што Радовиш во континуитет добива грантови со кои се реализираат проекти за подобрување на животот на граѓаните.
Тој најави дека наредната недела општината ќе објави тендер за уште два капитални проекти во Ораовица. Планирана е изградба на пешачка патека од селото до комплексот на манастирот Св. Георгиј која ќе биде долга 1.700 метри и широка два метри, како и изградба на детско катче опремено со детски реквизити и урбана опрема.
|