Трибина за јакнење на координацијата меѓу телата за инспекција на затворите

Скопје, 9 октомври 2015 (МИА) - Судии од кривични оддели кои работат на извршување на санкции и претставници на релевантни институции учествуваат на денешната тркалезна маса на тема „Јакнење на координацијата помеѓу телата за внатрешен и надворешен инспекциски надзор над работата на затворите“.

Тркалезната маса има за цел да се унапреди меѓуинституционалната соработка, поточно координацијата помеѓу надлежните тела, да се посочат најдобрите практики, како и да се презентира судската пракса на Европскиот суд за човекови права во врска со постапувањето со осудените лица и условите во казнено-поправните установи.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска пред отворањето на трибината рече дека сакаат да им упатат посилна порака на судиите за извршување на санкциите во смисла на зајакнување на нивната улога и статус.

- Знаеме дека основната наделжност на судиите за извршување на санкции е администрирање на процесите околу упатување во казнено-поправните установи, прекин и одлагање на издржувањето, меѓутоа тие треба да бидат повеќе фокусирани на вршење на заштитничката функција на надзор во установите, почесто излегување на терен и со непосреден увид да ги констатираат неправилностите и евентуалните наводи или сомневања за злоупотреби,  а не само да постапуваат по писмени претставки на осудените лица, рече Арнаудовска.

Овие судии, како што посочи, мора да имаат целосна поддршка од првите лица во установите за издржување на казната, од Управата за извршување на санкциите, но и од омбудсманот, од Националниот превентивен механизам и од невладиниот сектор.

Според неа, судиите за извршување на санкциите во својата работа треба да имаат и социјална димензија во смисла за подобро запознавање со сите лични, социјални, семејни и здравствени прилики на осудените лица, се со крајна цел тие успешно да се социјализираат во општеството.

- Судиите за извршување на санкции имаат огромна надлежност, особено што во помалите судови каде извршуваат и други функции. Тие треба да ја остварат својата основна гаранторна улога, а тоа е надзорот, додаде таа.

Според директорката на Управата за извршување на санкции Лидија Гаврилоска во иднина треба да се подобри вршењето на надзорот од аспект на воспоставување на стандарди кои мора да да бидат исполнети од страна на казнено-поправните установи, нивно оценување и објавување во јавноста.

Таа изрази надеж дека тоа ќе биде прифатено, со цел за подобрување  на нивната работа, но и градење на довербата помеѓу сите учесници, но и јавноста во делот на работата, односно извршувањето на казната затвор во КПУ.

- Според законот, Управата за извршување на санкции има право на стручно - инструкторски надзор, а тоа значи да дава насоки кои не се облигаторни и кои не повлекуваат потоа соодветна одговорност, рече Гавриловска и додаде дека оваа функција треба да се зајакне како инспекциски надзор, односно добивање надлежност за оценување на работата на КПУ за нивната работа и нивно рангирање.

Управата, како што појасни Гавриловска, има надлежност да врши надзор над условите во кои се извршува казната затвор, а во иднина по донесувањето на законот и на начинот на кој се извршува пробацијата, здравствената услуга која им се дава на затворениците, третманот, методите  на ресоцијализација, храната, почитувањето на нивните права.

Судијата во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова-Трајковска истакна дека во судот во Стразбур има бројни предмети кои се однесуваат на третманот и условите на лицата лишени од слобода. Притоа, како што додаде, не се прави разлика дали се работи за лице кое е во притвор, за лице кое се наоѓа во полициска станица на распит или пак за лице кое се наоѓа на издржување казна затвор по правосилна пресуда.

- За нас важно е да бидат исполнети стандардите и критериумите од Конвенцијата, односно лицата да не бидат подложени на понижувачко, на нечовечко постапување и да не бидат подложени на малтретирање и мачење, рече Лазарова-Трајковска.

Посочи дека главниот проблем во Република Македонија е токму немање ефективна истрага. - Тоа значи дека кога затвореник се наоѓа во затвор или притворено лице по претрпени физички повреди или малтретирање ќе се обрати до јавното обвинителство од каде нема никакво постапување, рече Лазарова-Трајковска.

Ваквите предмети, како што додаде, тешко излегуваат до ЕСЧП, затоа што тие треба да ја поминат целата национална легислатива.

- Нашата законска рамка дозволува можност Управата за извршување на санкциите да врши надзор, но Управата врши надзор над установата... Управата може да покрене постапка, може да бара од надлежното обвинителство и од надлежниот судија да ја поведе постапката, но главниот фокус во она што досега е стигнато пред судот е кон јавното обвинителство и судовите, истакна Лазарова-Трајковска.

Јавното обвинителство во повеќе македонски предмети, како што нагласи, не покажало интерес за поведување постапка и на никаков начин не одговорило на барањата на лицето кое што се жалело. - Ние имаме повеќе такви предмети како што се „Јашар“, „Џеладинов“, „Трајковски“, „Илиевска“, рече таа и додаде дека во ЕСЧП има еден предмет „Ѓорѓиев против Република Македонија“, кој се однесува на ефективноста на истагата.

Тркалезната маса е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Управата за извршување санкции при Министерството за правда, а во рамки на проектот „Јакнење на капацитети на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“, што го имплементира Советот на Европа, финансиран од Европската унија.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Двајца излегле со своите жени низ чаршија да се прошетат но и двајцата ги изгубиле своите жени.
И почнале да ги барат.Барајки ги жените и двајцата се судриле.Првиот рекол:Извини...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
570.- Во Мека е роден Мухамед, основач на...
1653.- Водачот на Англиската револуција Оливер...
1657.- Англиската флота, под команда на адмирал...
1768.- Умре италијанскиот сликар Каналето, еден...