Во Велес отворен 30. бесплатен интернет клубВелес, 25 јули 2016 (МИА) - Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски и градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев денеска во Велес отворија нов интернет клуб во рамките на проектот на МИОА „Светот на дланка", што има за цел приближување на интернет технологиите до граѓаните и развој на информатичкото општество во Република Македонија.
- Денеска сме во општина Велес за да го отвориме јубилејниот 30-ти бесплатен интернет клуб, истакна Муцунски, заблагодарувајќи му се на градоначалникот и на Советот на општината за партнерската соработка во реализацијата на овој проект.
Тој потенцираше дека проектот има неколку цели, при што примарната е реализирање на концептот за е-инклузија, што значи овозможување пристап до интернет на што е можно повеќе граѓани. Осврнувајќи се на статистичките податоци за искористеноста на ваквите интернет клубови на територијата на државава посочи дека во текот на минатата година над 128.000 граѓани ги искористиле капацитетите на интернет клубовите на МИОА, а 70 проценти биле млади луѓе на возраст до 26 години.
Градоначалникот Чадиев посочи дека општината ги обезбедила просторните услови и тековното одржување, додека МИОА ја обезбедила ИТ опремата, нејзиното одржување, канцелариската опрема, интернет и едно вработено лице, кое ќе ја организира секојдневната активност на клубот.
Проектот „Светот на дланка” МИОА започна да го реализира во 2007 година како дел од проектите за развој на информатичкото општество и досега се отворени вкупно 30 бесплатни интернет клубови низ Република Македонија. Проектот има за цел намалување на дигиталниот јаз, зголемување на интернет пенетрацијата и вклученоста на граѓаните во информатичкото општество, односно е-инклузија.
|