Завод за јавно здравје Кочани: Водата за пиење во планинските села неисправнаКочани, 26 јули 2016 (МИА) - Водата од локалните водоводи во кочанските планински села Лешки, Нивичани и Пантелеј не ги задоволува прописите за микробиолошка исправност на вода за пиење и дадени се препораки да не се употребува за пиење, миење и приготвување на храна, како и за лична хигиена, соопшти денеска Заводот за јавно здравје во Кочани каде што се следи и испитува водата за пиење во Кочани и соседните општини Зрновци и Чешиново Облешево.
Оттаму информираа дека сите земени примероци вода во мај, јуни и јули од водоводна мрежа од Регионалниот водовод Кочани се физичко хемиски и микробиолошки исправни, односно одговараат на прописите за микробиолошка и физичко хемиска исправност на вода за пиење според Правилникот за безбедност на водата(Сл.весник на РМ бр. 48/08).
Земените примероци вода од алтернативните изворишта во Кочани односно од Белска чешма и Минова чешма се микробиолошки и физичко хемиски неисправни, исклучок е пумпата кај месноста Бавчалак која е исправна како во однос на физичко хемиската, така и во однос на микробиолошката анализа.
Што се однесува до исправноста на водата за пиење од изворите лоцирани во туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини, сите земени и анализирани примероци на вода од Одморалиштето на МВР и изворите кај локалитетите Арамиска чешма и Војничко кладенче одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа.
За исправноста на водата во соседните општини Чешиново Облешево и Зрновци, со оглед на фактот што во три населени места во општина Чешиново Облешево водата беше забранета за пиење неколку месеци по поплавите во февруари оваа година, од Заводот за јавно здравје во Кочани истакнуваат дека на основа на направените анализи и стучно мислење водата од локалните водоводи во селата Зрновци, Мородвис, Спанчево и Кучичино е исправна и одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа.
Исклучок од ова е испитаниот примерок вода од село Видовиште која не ги задоволува прописите за микробиолошка исправност бидејќи содржи колиформни бактерии и Ентерококус, како и зголемено присуство на вкупен број на бактерии и вкупен број на аеробни бактерии. Причината за ваквата состојба во основа е нередовното хлорирање на водата со количина на резидуален хлор посочена во Правилникот за безбедност на водата(Сл.весник на РМ бр. 48/08).
Центарот за јавно здравје Кочани, Одделение за хигиена и здравствена екологија врши редовен мониторинг на водите од индивидуални и јавни чешми, бунари и пумпи во општините Чешиново, Облешево и Зрновци. Резултатите од анализите со соодветното стручно мислење и препораки редовно се доставуваат до општините и граѓаните, со цел навремено информирање.
|