Скопје, 19 септември 2016 (МИА) - Опозициската СДСМ денеска презентираше податоци според кои од 2008 година досега е намален за 50 проценти бројот на патници и на транспортот на стока во железничкот превоз, што, според партијата, е резултат на погрешните политики на власта.
Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ на прес-конференција рече дека со воз до 2008 година се превезувале 1.500.000 патници и оти таа бројка е преполовена на 800.000 патници. Повеќе од преполовена е бројката на превезената стока од 2006 година кога изнесувала 3.800.000 тони, посочи Бочварски.
Граѓаните, рече, не се возат со воз бидејќи јавното претпријатие Македонски железвици - Транспорт укинува патнички возови.
СДСМ, наведе Бочварски, по декември ќе се насочеле кон модернизација на железничката инфраструктура и обнова на возниот парк за да обезбеделе активен железнички сообракај. Со тоа, како што рече, ќе им овозможеле на граѓаните и на бизнис секторот пак да го користат возот како брзо превозно средство по пристојни цени.