Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи за виновна поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување и ја осуди на казна затвор од две години.

Димова треба да плати судски паушал од 10 илјади денари и да ги покрие судските трошоци, како и во рок од шест месеци да ја надомести и штетата од 22 725 220 денари на Националната агенција.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, ги ослободи Димова за делото „измама“, како и третообвинетата Ана Павлиду за „несовесно работење во службата“.
Димова во текот на 2018, 2019 и 2020 година, како одговорно лице – директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со намера за друг да прибави значителна имотна корист ја употребила својата службена положба и овластување на начин што со неизвршување на својата службена должност, постапила спротовно на Законот за јавни набавки и со нестручно и несовесно постапување овозможила противправна имотна корист на трети лица.
-Во делот на измама на штета на европски фондови не е опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци. Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда, рече судијката.
Застапник на обвинението е обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска.
Обвинението против Димова е поднесено во јуни 2022 година.
Според Обвинителството Димова, во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице – директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.