
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Тоше во нова гробница
За поп - ѕвездата Тоше Проески во Крушево ќе се гради меморијален центар и спомен - гробница. Таа ќе биде оддалечена 20-ина метри од сегашниот гроб на Тоше, кој е во алејата на заслужните граѓани, но не е пристапен за бројните обожаватели кои масовно секојдневно доаѓаат во Крушево на поклонение.
Посмртните останки на Тоше ќе се пренесат во новата гробница. Во МПЦ велат дека не постојат никакви канонски пречки за тоа. Напротив, новото решение ќе им овозможува на посетителите и на семејството на гробот да му пристапат од исток, како што е во православните обичаи. Поради непристапноста, на постојниот гроб му се приоѓа од западна страна.
Најголемата македонска поп - sвезда Тоше Проески загина на 16 октомври во сообраќајна несреќа во Хрватска. Од тогаш неговиот гроб, поставен на патека на Партизанските гробишта и во непосредна близина на гробот на Питу Гули, стана светилиште. Новата гробница ќе го реши инфраструктурниот проблем и ќе овозможи достоинствено оддавање почит без да се нарушува редот на гробиштата.
Проектот за гробницата е донација на архитектонското студио "Ателје Ајвар" од Скопје. Одобрен е од семејството Проески, а прифатен е и од Координативното тело за заштита на ликот и делото на Тоше Проески и од Општината Крушево.
Градоначалничката на Крушево Левкија Гажоска вели дека поради временските услови, но и поради обезбедувањето на потребната комплетна документација, градежните работи би започнале најрано во март. Според државниот секретар за култура Елизабета Канческа-Милевска, носители на проектот се Министерството за транспорт и врски и Општината Крушево.
Комплексот на спомен - обележјето на Тоше ќе биде сместен до Партизанските гробишта, во просторот кој припаѓа на Историскиот музеј. Споменикот се заснова на идејата за Тоше како "ѕвезда, сонце и светлина".
До гробницата ќе води уредена пешачка патека, а таа ќе биде поделена на два дела, приватна и јавна. Архитектот Миодраг Радоњиќ Бато од "Ателјето Ајвар"ја објаснува суштината на неговата идеја:
"Горното ниво е церемонијално спомен - обележје до кое обожавателите на Тоше ќе доаѓаат по полукружни скали и рампи за хендикепирани. Монументалното обележје е 16-крако сонце од чиј центар во височина ќе избива светлосен зрак.
Долното ниво е класична гробница со централно поставено гробно место и со можност перспективно да биде и гробница за родителите на Тоше. Ова ниво е сосема приватно и решено е во духот на верско-христијанските обележја. Тоа ќе биде отворено само за семејството и неговите најблиски. На влезот од долното ниво ќе може да се постават свеќи и цвеќиња, по што посетителите се качуваат на горното плато, му приоѓаат на гробот од исток и таму му оддаваат почит. Потоа кружно се враќаат назад. Целиот простор ќе биде хортикултурно уреден со високо и ниско зеленило и соодветно осветлен".
Моментално гробот на Тоше во Крушево дневно го посетуваат најмалку по 7-8 автобуси кои доаѓаат од цела Македонија и од странство. Голем број посетители се очекуваат в сабота кога се навршуваат 40 дена од смртта.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|