Вести / Македонија
Роденденот без Тоше
 Дваесет и седум години од раѓањето на Тоше, а свеќите не се роденденски. Македонија утре со тага ќе го одбележи роденденот на својот славен жител - точно напладне во „Македониумот“, во организација на неговото семејство и матичната продукција „Аворд ентертејмент“. Неговиот бенд инструментално ќе ги изведе најголемите хитови, ќе има кус документарец и фотографии од неговите патувања и настапи, а ќе биде промовирана и Фондацијата „Тодор Проески“. Крушево, 25 јануари 1981. Се роди ангелот со славејски глас во семејството на Доминика и Никола. Веселото и скромно дете има обичен живот. Учи во ОУ „Никола Карев“ во својот роден град. Како петтоодделенец првпат настапува јавно на „Златно славејче“ и на влашки јазик ја пее „Јас и дедо ми“. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Патот до славата почнува во Прилеп со победата на тинејџерскиот фестивал „Мелфест“ (1996) и со дебито на штипскиот „Макфест“ идната година со „Пушти ме“. Првиот албум „Некаде во ноќта“ со Авалон-продукција се појавува во 1999 година, а првиот концерт го одржа истата година на скопското лизгалиште во јулска вечер на обилен дожд. Во 2000-та го објавува вториот албум со продукцијата „Авалон“ - „Синот Божји“. Ѕвездата е родена. Македонската јавност го разбра тоа во 2001 година, кога Тоше ги урна рекордите, одржувајќи четири последователни концерти во Универзалната сала. Наредната година неговата кариера ја презеде менаџерката Лилјана Петровиќ и го издаде третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“. Во 2004 година Тоше го објави четвртиот албум „Ден за нас“ заедно со композициите што ги испеа на домашниот избор на песна за Евровизија. Меѓу нив и „Ангел си ти“ со која во мај во Истанбул настапи на Евросонг и освои 14 место. Со концертот на 29 јуни 2004 стана прв македонски изведувач кој го наполни Градскиот стадион во Скопје. Со петтиот албум „По тебе“ од 2005 година, Тоше доби статус на балканска ѕвезда. Неговиот успех ги обедини обожавателите од Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора. Наредната, 2006 година го објави шестиот албум „Божилак“ со преработки на традиционални македонски песни и потпиша договор со англискиот менаџер Ричард Енглард и со композиторот и продуцент Енди Рајт. Тоа требаше да му ја отвори кариерата во Европа и патот до светските ѕвезди. Кобната 2007-ма, кога Тоше одбележа една деценија на сцената, почна блескаво. Во февруари, на Денот на вљубените, настапи во преполната белградска Арена, најголемата сала на Балканот, во јуни освои Гран-при на хрватскиот Радиски фестивал на Хвар, а во септември го промовираше седмиот албум „Игри без граници“ кој, на македонски и на српски/хрватски јазик, за неколку дена беше продаден во десетици илјади примероци. Последниот концерт Тоше го одржа дома. На 5 октомври пееше на Градскиот стадион пред околу 25.000 публика. Со него, амбасадорот на УНИЦЕФ ја потврда хуманоста - за обнова на училиштата во земјава три часа ги пееше своите хитови. Со љубов за сите. Како и многупати дотогаш, кога донираше за болните и за напуштените деца. Му благодареше на Господ за радосните мигови, за концертите и публиката кои, како што рече, му го продолжуваат животот, верувајќи во подобар свет - „овој еден и единствен“. Сето тоа збиено во еден кус живот. 16 октомври 2007, 6 и 25 часот, автопат, Нова Градишка, „Туарег“, шок и неверување, Македонија во болка, плач, погреб... Луѓе од секаде го посетуваат гробот на Тоше кој во Крушево се врати засекогаш. За да кажат „светот минус тебе во него - малку е!“.
|