Рудникот Бучим ќе ги прочиствува водите што минуваат низ јаловиштето Радовиш, 13 март (МИА) - Рудникот Бучим ќе ги прочистува водите што влегуваат и излегуваат од јаловиштетото на рудникот. Парите, во висина од 1,2 милиони долари се обезбедени преку проект на УНДП, а со 400 илјади евра во средства и опрема учествува и рудникот Бучим.
- Цел на овој проект ни е да ги лоцираме т.н. жешки точки во регионот. Проблемот со загадувањето на водите во регион е одамна и затоа се решивме да го отстраниме, изјави Марија Луиза да Силва, директор на УНДП.
Парите за инсталирањето на прочистителната станица ги обезбеди холандската Влада. Другиот дел од проектот е наменет за уредување на просторот околу рудникот „Лојане“. Со проектот во рудникот Бучим е предвидено да се реши проблемот со отпадните води од Бучимски и Јасенов Дол. Бидејќи тие минуваат низ јаловиштето се мешаат со остатоците на бакар и ја загадуваат Меденска река која подоцна се влева во реката Лакавица, во која одамна поради загадувањето нема жив свет.
Со проектот се предвидува да бидат поставени и водени топови кои постојано ќе ја влажнат почвата и нема да дозволат прашината од јаловиштето да се шири во околнината. Токму прашината од јаловиштето е главната причина за проблемите на жителите од селото Тополница, село сместено веднаш под јаловиштето на рудникот Бучим.
- Тука не може да се дише од прашината кога ќе дувнат ветровите. Нашите деца постојано ги носиме на лекар оти имаат проблеми со дишењето и очите. Најдобро решение е да се дислоцира селото, бидејќи и бунарите се загадени, а таа вода понекогаш мораме да ја користиме и за пиење, истакна Бедри Ибраимов, жител на Тополница.
Градоначалникот на општина Радовиш исто така смета дека дислокацијата на селото е најдоброто решение.
- Ние работиме на промена на урбанистичките планови, и интензивно работиме на проектот за дислокација на селото, така ќе ги заштитиме жителите, а нема да му пречиме ниту на стопанскиот развој на нашиот регион, додаде Роберт Велков, градоначалник на општина Радовиш.
|