
|
 |
Вести / Македонија
MНР упати протестна нота до Грција
Скопје, 12 мај (МИА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека по повод зачестените запирања на возила и физички напади врз македонски државјани во Република Грција денеска е повикан шефот на грчката Канцеларија за врски во Република Македонија Александра Пападопулу, при што и е врачена протестна нота.
Во нотата се наведува дека во изминатите неколку денови се пријавени три поединечни случаи на насилно сопирање, малтретирање и навредување на македонски државјани во Грција, како и оштетување на нивните возила од непознати лица.
- Според нивните сведочења, возачите на товарни возила со македонски регистарски таблички биле сопрени и нападнати, во два случаи во близина на градот Лариса, односно на автопатот Кавала – Солун. Притоа, загрижува што едниот инцидент се случил во присуство на две возила на грчката полиција, која не презела никакви мерки да го спречи актот на насилство, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи.
Министерството укажува дека со ваквите вандалски чинови не само што се попречува слободата на движење на лица и стоки, што е една од фундаменталните вредности и принципи на Европската унија, туку и најдиректно се загрозува безбедноста и физичкиот интегритет на македонските државјани, што од своја страна не придонесува за градење добрососедски односи и доверба меѓу народите. Со оглед на зачестеноста на инцидентите кои попримаат загрижувачка димензија, македонското Министерство очекува од надлежните грчки органи итно да преземат соодветни мерки, со цел спречување слични насилства по патиштата во Грција.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|