
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Отворена манифестацијата „Денови на Јустинијан Први“
Скопје, 12 мај (МИА) - Во Кутурно-информативниот центар денеска беше отворена годинашната манифестација „Денови на Јустинијан Први“, која се одржува третпат во чест на роденденот на византискиот император, роден во Таор (Таурисиум), во околината на Скопје, на 11 мај 483 година.
Културно-историската манифестација беше отворена со промоција на зборникот „Македонија помеѓу Византискиот комонвелт и Европската унија“, со 18 трудови од минатогодишниот научен симпозиум.
Текстовите хронолошки го опфаќаат периодот од создавањето на Византискиот комонвелт - како првобитна етапа од процесот на обединувањето на Европа, преку проследувањето на културно-историските и политичките процеси во Македонија, па се до современите тенденции за приклучување во Европската унија.
Промоторот на изданието Јован Донев истакна дека манифестацијата има две цели - да го проучи византискиот период и да го популаризира Скопје како родно место на славниот император, а со тоа да се поттикнат и археолошките истражувања кои би довеле до откритие на мистериозниот град Јустинијана Прима, кој императорот го основал на овие простори во шестиот век.
- Да имате само мало делче од наследството на Јустинијан Први е голема работа. Не за нас, туку за многу поголеми држави. Неразумно е да се има тој факт, а да не се глорифицира и тој да се открива дури сега, рече Донев. Според него, научните трудови тематизираат историски момент кој погрешно се затскривал и премолчувал.
- Македонската нација е секојдневен референдум кој трае од антиката до денес. Секој наш чекор, напред или назад, не прави нас тоа што сме - дел од европското семејство, истакна промоторот.
На отворањето на Деновите беа соопштени наградените есеи од натпреварот за учениците од скопските гимназии на тема „Животот и делото на Јустинијан Први“. Првонаграден е есејот на Бисера Стефановска од „Јосип Броз Тито“, второнаградена е Валентина Арсовска од гимназијата „Панче Арсовски“, а третата ја доби Андреј Јованчевски, ученик во „Васил Антевски-Дрен“.
Во рамките на манифестацијата вечер ќе почне напредниот семинар за црковно пеење во организација на Центарот за византолошки студии. Семинарот ќе го води д-р Јане Коџабашија и ќе заврши на 24 мај со јавен настап на сите учесници. Во обновениот храм „Пресвета Богородица“ во Скопје, в сабота ќе биде одржан Фестивал на црковно источно пеење, прв и единствен од таков вид кај нас.
Јустинијан Први ја симболизира идејата на Византија за обединување на Европа. Неговото владеење (527-565) го означува најголемиот подем на Византиската империја. Имал визија да ја реставрира и обедини некогашната Римска империја, извршил кодификација на Римското право, поставувајќи ги основите на Европското право, развил грандиозна градежна дејност со околу 600 одбранбени утврдувања на Балканот. Се залагал за единство на христијанските цркви, ја изградил монументалната црква Св. Софија во Истанбул, ненадминлив споменик на византиската уметност и архитектура. Неговиот брак со императорката Теодора се вбројува меѓу најпознатите и најконтроверзни во историјата. Императорот починал на 14 ноември 565 година. хс/дма/13:48
###
Хуманитарен концерт за децата без родители од Домот „11 Октомври“
Скопје, 12 мај (МИА) - Пијанистот Симон Трпчески, сопранот Весна Гиновска - Илкова, Васил Атанасов на обоа, дуото Олег и Ана Кондратенко на виолина, Блерим Груби на виола и трио Мацедонико, се уметниците кои ќе настапат на хуманитарниот концерт, што ќе се одржи в среда во Домот на АРМ во Скопје.
Средства од концертот се наменети за Осмата воспитна група од Домот за деца без родители „11 Октомври“, во организација на Волонтерскиот центар од Скопје.
Софија Златанова, член на Центарот, на денешната прес - конференција истакна дека причината поради која се решиле на ваков проект е тоа што, според нив, децата од Домот не растат во нормални секојдневни услови, како што растат децата со родители.
- Родителите би ги поттикнале нивните потиснати желби да излезат на виделина и да продолжат да чекорат по патот на кој не би го изгубиле чувството за иднина и успехот за кој главна алатка е поддршката, рече Златанова, додавајќи дека поради чувство на осаменост тие најчесто се доведуваат и во ситуација да посегнат по пороци.
Координаторот за меѓународна размена во Центарот Алберт Џолевиќ, на прес - конференцијата информираше дека станува збор за дваесетина децата кои се на возраст од две години до прво одделение и во организација на Центарот веќе четири пати посетувале музички работилници каде се запознале со инструментите со кои ќе се свири на концертот. На работилниците, околу музичката едукација им помогнале професори и студенти од Музичката академија од Скопје.
- Целта беше пред концертот да им покажеме на децата како функционираат инструментите за да не им биде нешто непознато и преку класичната музика да ги насочиме на вистинскиот пат. Исто така, за нив обезбедивме и долгорочно, бесплатно следење на програмата на Македонската опера и балет, додаде Џолевиќ.
Ова е прв концерт на класична музика во Република Македонија. Билетите за него чинат 200 денари и може да се купат на билетарата во Домот на АРМ и во Волонтерскиот центар во Скопје, а на сите уметници кои на концертот ќе настапат хуманитарно им бидат доделени благодарници и статуетки за хумано дело.
Волонтерскиот центар од Скопје е невладина организација формирана во 2006 година и има за цел да го промовира волонтерството на локално и меѓународно ниво. лѓ/дма/13:02
###
Театарската трупа “Сенки и облаци” ќе гостува на интернационалниот театарски фестивал „Лут Фест“ во Сараево
Скопје, 12 мај (МИА) - Театарската трупа „Сенки и облаци“ од Скопје од утре до 18 мај ќе гостува на Деветтиот интернационален театарски фестивал „Лут Фест“ во Сараево.
Трупата ќе настапи со „Силјан Штркот“, претстава направена по мотивите на народната приказна запишана од Марко Цепенков. Текстот е осовременет, адаптиран, а со тоа и поблизок и поразбирлив и за најмладата популација. Формата и изразот се исклучително интересни бидејќи се работи за театар на сенки.
Оваа специфична театарска форма заслужува посебно внимание, затоа што по многу години оваа трупа ја обновува на најдобар можен начин со користење нови изразни средства и богат колорит во однос на позадините и комплетната сценографија. Музиката која е специјално направена за оваа претстава, одлично ја следи нарацијата и дијалозите и како поткрепа на визуелниот дел многу помага во целосното доживување. Автори и изведувачи на претставата се актерите Круме Стефановски, Елизабета Клинчаревска-Ели и Сања П. Миланова.
Домашната публика ќе може да ја види во рамките на Баскерфест, уличниот фестивал во Скопје, кој ќе се одржи од 31 мај до 8 јуни. Со ова публиката ќе има можност да влезе во царството на сенките и целосно да ужива. рп/паг/10:55
###
Културна хроника
Скопје, 12 мај (МИА)
Измина половина година, а се уште не е почната конзервацијата на скопската тврдина, која археолозите интензивно ја истражуваа минатата година, пишува „Дневник“. Главна причина е што доцни изработката на проектот според кој треба да бидат конзервирани делови од скопското Кале. Таа обврска му е доверена на архитектот Митко Пренџов, порано вработен во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, како искусен експерт во заштитата на спомениците. Проектот што го изработил досега претрпел неколку измени на кои инсистирал Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, институција што го координира проектот. Тој вели дека сега проектот е готов и процедурата може да почне. Не доцниме многу. Има време, конзервацијата ќе заврши годинава. Инсистирав да работиме според солиден проект, затоа го вратив неколку пати - објаснува Кузман.Управата за заштита веќе ја отворила првата понуда за пријавување десет фирми од кои треба да биде избрана таа што ќе даде најдобра понуда за реализација на проектот. Објектите на скопската тврдина ќе ги конзервира Конзерваторскиот центар на Скопје, надлежна институција за заштита на овој споменик на културата.
Впечатливи солистички остварувања на нашите оперски пејачи, раскошна костимографија и автентична сценографија, партитури на Кирил Македонски, а под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар, донесе операта „Цар Самуил“ на отворањето на Мајските оперски вечери, пишува „Дневник“. Бугарскиот режисер Огњан Драганов успешно ја раскажа приказната, а врвот беше постигнат во завршните сцени, каде што на сцената беше олицетворена трагедијата на ослепените војници. Нашиот бас што полека гради европска кариера, Игор Дурловски, заслужено ги доби најголемите овации од публиката, која беспоштедно го даруваше со аплаузи. Со улогите се истакнаа и Горан Начевски, Цветан Стојановски, а одлично звучеа хорските сцени. Свој белег оставија и неколку балетски играчи, кои по кореографија на Олга Панго и' дадоа интересна нота на операта.На претставата и' претходеше церемонијата на свеченото отворање пред платото на Македонската опера и балет. Фестивалот го отвори министерот за култура Арификмет Џемаили, а публиката ја поздрави и генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски. Патот на оперските уметници од 14 земји им го осветли фестивалскиот оган што го запали поранешниот концерт-мајстор во оркестарот на МОБ, Ѓоко Николовски. Од својот почеток Мајските оперски вечери станаа празник на музиката на Балканот. Со овие традиционално позитивни резултати, Вечерите се развиваат во манифестација за врвна културна соработка на Македонија со светот. Манифестацијата го најде своето вистинско културно-уметничко оправдување - рече, меѓу другото, министерот Џемаили.Уште пет оперски, една балетска и еден симфониски оркестар ќе бидат изведени до 31 мај, кога ќе заврши фестивалот. Синоќа на сцената на МОБ беше изведен балетот „Лебедово езеро“, со гости-солисти од Украина.
Потеклото на кирилицата, нејзиниот развој и иднина ќе биде една од темите на трибините, што ќе се одржат во рамките на кампањата за зачувување, користење и модернизација на кирилицата во Македонија, насловена како "Го чувам своето", пишува „Вечер“. Корените на кирилицата и нејзиниот развој се тесно поврзани со историјата и развојот на македонскиот народ и држава. Македонското кирилично писмо, кое е и официјално писмо во Македонија, настанало од глаголицата, кој исто така е создадена на овие простори. Оттука, нејзиното зачувување и правилно користење е од фундаментално значење за македонскиот народ, сметаат експертите, кои се вклучија во оваа кампања.
Од Управата за заштита на културното наследство појаснуваат дека оваа меѓународна обврска од Конвенцијата е вградена и во Законот за заштита на културното наследство од 2004 година.
"Јазикот и писмото се третираат како дел од духовното наследство и веќе се отпочнати системски активности за нивна заштита согласно законските одредби", вели Александар Јорданоски, соработник за јазик и топоними во Управата. Кампањата "Го чувам своето" ќе трае до 10 јуни годинава. Покрај трибините и конкурсот за изборот на македонски компјутерски фонтови, ќе се одржи и голем отворен настан на улицата Македонија во центарот на Скопје, со игри за најмладите, а свој настап ќе имаат хорот "Златно Славејче", македонската музичка легенда Влатко Стефановски, концерт на Македонски рози.
Зборникот "Низ перспективата на жената" ќе се промовира вечерва (19 ч.) во Културниот центар "Точка", пишува „Вечер“. - Зборникот е рефлексија на едногодишен проект кој "ЦИУ Мултимедиа" го реализираше во периодот мај 2007 - февруари 2008 г., на теми за жената и прашања кои го одредуваат квалитетот на нејзиниот живот, велат организаторите На промоцијата ќе може да добиете по еден бесплатен примерок од зборникот.
Пијанистот Шкељзен Бафтиари вечерва во 20 часот ќе одржи рецитал во Музејот на Скопје, пишува „Вест“. На програмата се „Соната за пијано бр.2“ од Шопен, „Импромпти“ од Шуберт и „Соната за пијано бр.1“ од Шуман. Бафтиари е студент на трета година на Факултетот за музичка уметност, во класата на проф.Борис Романов. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Белград, во Пловдив. Концертот е во рамките на циклусот „Ги бараме новите ѕвезди“, кој се одржува веќе неколку години, а учествуваат млади инструменталисти - ученици и студенти од музичките училишта во Македонија.
Премиерната изведба на долгонајавуваниот проект „Сите лица на Петре М.Андреевски“ во режија на Владо Цветановски, во саботата во Драмски театар, ги надмина очекувањата и на најголемите оптимисти во публиката. Со огромен аплауз и двапати враќајќи ги на бис актерите во постановката, гледачите го наградија театарското патешествие низ творештвото на големиот македонски автор Петре М.Андреевски.
Македонско вино, ајварче на лепче, импровизации на соби од традиционалните македонски куќи ја дочекаа публиката во Драмскиот театар. Овој вовед во централниот дел на вечерта - претставата посветена на Петре М.Андреевски - беше особено минималистички во однос на неговите спектакуларни најави.
Во рамките на културно-историската манифестација „Денови на Јустинијан Први“, денеска во просториите на Културно-информативниот центар ќе биде промовиран Зборникот на трудови од научниот симпозиум „Македонија меѓу Византискиот комонвелт и Европската унија“, пишува „Утрински весник“. Книгата ќе ја претстави проф. д-р Јован Донев.
Трудовите од Зборникот го опфаќаат периодот од создавањето на Византискиот комонвелт-како првобитна етапа од процесот на интеграцијата на Европа, проследувајќи ги културно-историските и политичките процеси во Македонија, се до современите тенденции за приклучување во Европската унија.
Во Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе се одржи промоција на две изданија на Академијата, објавени од Фондацијата „Трифун Костовски“, пишува „Утрински весник“. Станува збор за книгите „Блаже Конески поет и граматичар“ од академик Нуло Миниси и „Животописот на Охридската ариепископија“ од академик Цветан Грозданов.
Книгите пред присутните ќе ги претстават академиците: Луан Старова и актуелниот претседател на Академијата, Георги Старделов, а програмата ќе биде збогатена со настап на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, кој ќе настапи под диригентската палка на Лета Димовска Полизова. Во галеријата на МАНУ ќе бидат претставени и портрети и печатени дела. рп/паг/10:04
###
Започнува манифестацијата „Денови на Јустинијан I“
Скопје, 12 мај (МИА) - Во Културно-информативниот центар - Скопје денеска свечено ќе биде отворена културно-историската манифестација „Денови на Јустинијан I“, што годинава се одржува по трет пат.
На отворањето професорот Јован Донев ќе го промовира Зборникот на трудови од научниот симпозиум „Македонија помеѓу византискиот комонвлет и Европската унија“, а потоа ќе бидат соопштени наградените есеи од натпреварот за учениците од скопските гимназии на тема „Животот и делото на Јустинијан I“.
Во рамките на оваа манифестација вечер ќе започне напредниот семинар за црковно пеење во организација на Центарот за Византолошки студии.
Во сабота, на 17 мај, во обновениот храм „Пресвета Богородица“ ќе се одржи Фестивал на црковно источно пеење, на кој ќе биде промовиран и компакт-диск со црковни химни „Статии на Велики Петок“.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|