
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Регионална конференција за безбедност и олеснување на глобалната трговија
Скопје, 14 мај (МИА) - Појаснувањето на погодностите и карактеристиките на потребата за балансирање меѓу забрзувањето на трговијата и зголемувањето на капацитетите за спречување на нелегалната трговија со дрога, оружје за масовно уништување и стоки со двојна употреба, на бизнис заедницата и на надлежните институции за контрола на нелегален увоз во државата, е главна цел на регионалната конференција на тема „Рамката на стандарди на Светската царинска организација за безбердност и олеснување на трговијата“ што денеска се одржува во Скопје.
Конференцијата, која е во рамки на Програмата на Светската царинска организација за безбедност и олеснување на глобалната трговија (SAFE) со осврт на предизвиците на регионот, е организирана од Царинската управа на Македонија во соработка со Светската царинска организација, USAID - BEA - Проектот за подобрување на деловното окружување и Економскиот факултет од Скопје.
Покрај претставници на македонската Царинска управа, на форумот присуствуваат и претставници на царинските управи на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и УНМИК- Косово.
- Рамката на стандарди за безбедност и олеснување на трговијата предвидува одредени критериуми за економски оператори што треба да бидат идентични насекаде со цел да има идентично спроведување на безбедносни мерки од нивна страна и од страна на царинските управи, како и меѓусебно признавање на проверките од една до друга царина, рече директорот на македонската Царинска управа Ванчо Каргов во поздравниот говор, потенцирајќи дека се работи на воведување на електронска можност за пренесување на информациите за транспортите меѓу царините.
Тој нагласи дека македонската Царина веќе има размена на пишани царински информации со Србија, Грција и Косово, а се прават напори размена да се прави со царините на Бугарија и Албанија.
- Во Македонија главен концепт во врска со воведувањето на рамката на стандарди е концептот на овластен економски оператор. Со измена на Царинскиот закон на почетокот на годинава веќе е воведена правната рамка за тоа, а во тек е подготовка на уредба за спроведување на Законот во овој дел. Веќе работиме и на подготвка на акциски план за воведување овластен економски оператор, но тоа ќе потрае и очекуваме поконкретни резултати кон крајот на годинава, рече Каргов.
Директорот на македонската Царина истакна дека во Македонија околу 70-тина фирми веќе имаат поднесено барање за овластен економски оператор и оти се прават напори да се достигнат европските стандарди и локалното царинење да стане донминантно. Во моментов во Македонија доминира традиционалното царинење, односно терминалскиот начин на царинење.
- За достигнување на таа цел покрај бизнис заедницата поофанзивна улога треба да има Царинската управа. Во соработка со стопанските комори подготвуваме регионални презентации на кои ќе им предочиме на економските оператори кои се бенефициите од овој концепт, рече Каргов, нагласувајќи дека постои заинтересираност кај фирмите за добивање статус на овластен економски оператор.
Тој посочи дека се преиспитува регулативата за добивање статус овластен економски оператор особено кај малите и средни претпријатија, за кои, како што кажа, е констатирано дека има премногу ригориозни критериуми.
На конференцијата ќе бидат презентирани и најновите трендови и препораки на Светската царинска организација за подобрување на царинското работење, предвидени во најзината Програма за безбедност и олеснување на меѓународната трговија, а предавачи ќе бидат Симон Ројалис и Александар Ратников од Светската царинска организација.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|