
|
 |
Вести / Македонија
Македонските матуранти танцуваа „Квадрил“ заедно со своите колеги од Европа
Скопје, 16 мај (МИА) - Неколку стотици матуранти денеска точно напладне танцуваа на музика на Штрaус во центарот на Скопје и во неколку други градови во Македонија како дел од манифестацијата „Матурска парада 2008“. Македонските матуранти играа истовремено со своите колеги од Словенија, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Скопските матуранти на плоштадот Пела го играа танцот „Квадрил“ од Штраусовата опера „Љиљакот“. Танцот се игра во четири етапи: „Панталон“, „Ете“, „Пасторел“ и „Финале“ и трае шест минути и 18 секунди.
Манифестацијата ја отвори Ирена Мишева, претседател на Советот на град Скопје, како покровител на настанот.
- Новите генерации млади луѓе кои со завршувањето на средното образование заокружуваат и дел од својот живот навлегуваат во новите предизвици со младешки ентузијазам и полетност. Организирањето на оваа манифестација е одлична можност македонските матуранти да бидат рамноправно вклучени со своите врсници во еден европски проект кој претставува престижен и културолошки белег на државите во кои се одржува, рече Мишева.
На манифестацијата присуствуваше и евроамбасадорот Ерван Фуере кој на матурантите им честиташе и им посака успех во животот.
- Овој ден е ден на радоста која вие најдобро ја прикажавте преку игра. Но, овде не завршува учењето. Сега влегувате во една друго школо, училиштето на животот. Сигурен сум дека секој од вас на свој начин ќе помогне во градењето на посветла иднина за сите нас и како граѓани на Европа, бидејќи таа ви припаѓа вам, истакна евроамбасадорот Фуере.
Покрај во Скопје се играше и во Битола, Охрид, Струмица и во други градови во земјава. Заради исполнувањето на условот за истовремено играње на сите учесници на оваа манифестација, музиката преку сателит ја преземаше Македонското радио - Радио Скопје од Радио СЛО ВАЛ 202.
„Матурската парада“ во Македонија се одржува вторпат. Минатата година првпат „Квадрил“ го одиграа 592 македонски матуранти.
„Квадрил“ е француски танц стар повеќе од 250 години. Се танцува во четворка т.е. две двојки кои меѓусебе комуницираат при што се менуваат и поклонуваат во редици.
Првата „Матурска парада“ се одржа на 21 мај 2001 година во Љубљана на иницијатива на Томаж Амброж, а во организација на танцовата школа „Уршка“. По големиот успех и искажан интерес кај матурантите од тогаш се зголемува бројот на градови кои се вклучуваат во оваа манифестација која покрај самото танцување и забава претставува поставување Гинисов рекорд во истовремено синхронизирано играње на еден танц. За годинава се предвидуваше на манифестацијата да учествуваат матуранти од над 30 градови.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|