
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Меѓународна конференција за реформите во катастарот
Скопје, 16 мај (МИА) - Презентација на досегашните и на идните реформи на катастарот се главна цел на меѓународната конференција „Реформи во катастарот“ што во организација на Државниот завод за геодетски работи денеска се одржува во Скопје.
На конференцијата презентации за реформите во катастарот ќе одржат и претставници од катастрите на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Албанија.
- Работата на катастарот е една од клучните фактори за непречен влез на странски инвеститори и за подобрување на економската состојба во Македонија. Владата затоа ќе продолжи со реформите на катастарот за да може дополнително да се скратат роковите за издавање на документите, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во поздравниот говор на отворањето на конференцијата.
Тој нагласи дека реформите на катастарот беа еден сегмент од „регулаторната гилотина“ со кој се постигна подобрување на услугите и за 50 отсто намалување на цените, што, како што рече, ќе овозможи продажба на неизграденото градежно земјиште.
- Со предложените измени на Законот за градежно земјиште ќе им се овозможи на странците да купуваат градежно земјиште, а со законот за градење ќе се оневозможи продавање на еден стан на повеќе лица и за 50 отсто ќе се скратат роковите за издавање документи, рече Јанакиески посочувајќи дека е воведен и принципот молчењето значи одобрување.
Дирекоторот на Државниот завод за геодетски работи Љупчо Георгиевски истакна дека нивна цел е до 2009 година да има 100 процентна покриеност на катастарот на недвижности. Во моментов покриеноста изнесува 70,5 отсто, а до крајот на годинва, според Георгиевски се очекува да изнесува 82 отсто.
Тој истакна дека во последниве две години расте бројот на решени предмети од катастарот и се намалува разликата меѓу поднесените барања и решените предмети. Во текот на минатата и во првите четири месеци од оваа година катастарот има повеќе решени предмети отколку поднесени барања, со што, како што рече Георгиевски, се намалува бројот на заостанати предмети.
- Во изминатиот период направено е многу за да се намалат роковите за издавање на бараните документи, така што во моментов за еден ден се врши запишување или бришење на хипотека, а воведена е и нова електронска услуга за брз и едноставен пристап до базата на податоци во Државниот завод за геодетски работи, посочи Георгиевски.
Даниел Асплунд од Шведската амбасада рече дека Шведската агенција за соработка и развој - СИДА ја поддржувала и ќе ја поддржува реформата на катастарот во Македонија. Тој очекува и во иднина со истиот интензитет да продолжат реформите во катастарот.
Амбасадорката на Холандија во Македонија Симоне Филипини рече дека е осум месеци во земјава и оти за тој период се сретнала со многу луѓе и фирми кои имаат проблеми со нивните имоти, како и со многу лица кои имаат намера да купат поголемо парче земја и да најдат локација која ќе се состои од едно парче. Затоа, како што рече, многу е корисна денешната конференција, како и продолжувањето на започнатите реформи во катастарот. вј/са/13:57
###
Прв германско-македонски толковник со стручни изрази од областа на енергетската ефикасност
Скопје, 16 мај, (МИА) - Во издание на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ од печат излезе првиот германско-македонски толковник со стручни изрази од областа на енергетската ефикасност.
Автор на толковникот е Георги Трајановски, експерт на ЦИМ од Германија, кој е на двегодишен работен престој во МАЦЕФ како експерт за енергетска ефикасност.
- Со се поинтензивното актуелизирање на темата енергетска ефикасност во Македонија, се потврдува проблематиката на јазичната бариера при употреба на изрази од стручна литература и тематика. Толковникот е наменет за олеснување на работата на повеќе целни групи и тоа: стручни лица од оваа област, студенти на стручни школи, преведувачи на стручна литература и пошироко, вели авторот во предговорот кон изданието.
Јазичната и техничката подготовка ја реализираше МАЦЕФ во соработка со ГТЗ во Македонија, додека печатењето целосно го овозможи канцеларијата на ГТЗ. Толковникот ќе биде достапен за заинтересираните, а ќе биде ставен на располагање на чинителите во новострартуваниот проект „Енергетски ефикасно градење со акцент на фасадна технологија“.
Авторот на Толковникот Трајановски е германски државјанин со македонско потекло. Тој дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а своето професионално усовршување и работа ги продолжил во Германија. Трајановски е единствен Македонец кој е член во Архитектонската комора на Берлин.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|