
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Конференција: Македонија и регионот ќе имаат вода уште најмалку 30 години, мора да се чува Охридското езеро
Скопје, 3 јули (МИА) - Земјите од регионот да реализираат заеднички проекти за рационално искористување на водите и сериозно да се позанимаваат со климатските промени како глобален проблем, се пораките од денешната регионална конференција за води на која, освен македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Ацо Спасеноски, учествуваа и министерот за животна средина и шумарство на Турција Вејсел Ероглу, како и албанскиот министер за животна средина, шумарство и водостопанство Луфтер Хувели.
На конференцијата беше нагласено дека водата како ресурс за задоволување на елементарните потреби, пиење, наводнување, индустрија, ја има се помалку, поради што уште отсега треба да се размислува за нејзино ефикасно менаџирање, но и за заштита од загадување.
- Се уште мислиме дека климатските промени се далеку од нас и не сфаќаме дека треба да се справиме со нив, рече албанскиот министер Хувели. Тој сугерираше Македонија и Албанија да се заложат за заедничко администрирање на Охридското и Преспанското езеро, како и на реката Дрим.
Според Спасеноски, Македонија и регионот следните 30 години нема да имаат проблем со обезбедувањето квалитетна вода, но мора да се води сметка, посебно за заштита на Охридското езеро кое е најголем природен басен за питка вода во Европа.
Посочувајќи ја инвестицијата во хидросистемите Јужновардарска долина, Злетовица и Лисиче, вредна 150 милиони евра, Спасеноски истакна дека Македонија му придава огромно значење на водоснабдувањето.
- Се градат најсовремените системи „капка по капка“, што ќе овозможат рационално искористување на водата и надминување на сегашната ситуација. Од вкупниот потенцијал на акумулациите во земјава се експлоатирани само 30 отсто, а можеме да наводнуваме над 120.000 хектари, нагласи Спасеноски.
Градењето на секоја мала и голема акумулација, обновувањето и ревитализацијата на сегашните хидромелиоративни системи се меѓу приоритетните цели на државата. Министерството за земјоделство изготви уште пет физибилити студии за брани со акумулации што ќе ги опфатат Гевгелиско, Скопско, Кочанско, Кумановско и Штипско.
- Стратегијата на Владата е насочена кон обезбедување поволни кредити и субвенции што ќе ги поттикнат земјоделците да вложат во опрема за наводнување, истакна Спасеноски.
Турција е подготвена да ги поддржи балканските земји од аспект на водоснабдувањето, рече турскиот министер за животна средина Ероглу, според кој заедничкото искористување на водите и заштитата од пожари се засега најактуелните области во кои државите од регионот би можеле да соработуваат.
Заклучоците од денешната регионалната конференција на тема „Проценка на ранливоста на состојбите на водите од влијанието на климатските промени и прилагодување на соодветни мерки“ ќе бидат изнесени на Светскиот форум за води што ќе се одржи идната година во Истанбул.
На Светскиот фоурм учество најавиле околу 140 земји. Дебатата ќе биде фокусирана на можноста за користење на водите од подалечните сливни подрачја во загрозените места и региони. Светскиот форум за води се одржува секои три години.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|