Вести / Македонија
Насилната смрт зголемена за 13,8 отсто
Скопје, 4 јули (МИА) - Во Македонија лани од насилна смрт починале 743 лица што е 13,8 проценти повеќе во однос на 2006 година.
Според Државниот завод за статистика, починатите од насилна смрт учествуваат со 3,8 отсто во вкупниот морталитет.
Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2007 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, 73,4 проценти.
Во вкупниот број случаи најбројни се несреќните, 72,1 отсто, потоа самоубиствата, 21,4 отсто и убиствата, 6,5 проценти.
Во категоријата несреќни случаи, на прво место се умрените од други надворешни причини за случајна повреда, 25,6 отсто, во однос на вкупно умрените од насилна смрт. На второ место се умрените во транспортни несреќи, 24 проценти, а на трето место се умрените од паѓања, 12,7 проценти.
Кај категоријата самоубиства предничи смртта поради бесење, давење и задушување, 10,6 отсто, а кај категоријата убиства, најголемо учество имаат случаите на обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје, 3,6 проценти.
|
|