Македонски поети на Конгресот на поетската мрежа Лириклајн во Берлин
Скопје, 4 јули (МИА) - Во Берлин викендов ќе се одржи Конгрес на координаторите на меѓународната поетска мрежа Лириклајн (Lirikline), на чија интернет-страница (HYPERLINK "http://www.likiline.org"www.likiline.org) годинава првпат беа претставени пет македонски поети.
На средбата ќе се претстават новите поети и преводи, како и новите членови од африканските и латино-американските земји.
Иницијатор на претставувањето на македонската поезија пред пошироката светска јавност и учесник на конгресот на координатори во Берлин е Никола Маџиров. Според македонскиот огранок на меѓународната поетска мрежа, со објавувањето на поезија од македонски автори на веб страницата на Лириклајн, македонскиот јазик се најде во семејството од 49 јазици, колку што досега се објавени на овој сајт.
Во првиот бран македонски поети, со по 10 песни на македонски и германски јазик, беа објавени Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Катица Ќулавкова и Ефтим Клетников. Од Лириклајн Македонија, најавуваат дека наскоро ќе биде објавена поезија и од други македонски автори, а претставувањето на македонската поезија ќе продолжи и во текот на наредната година.
- Една од главните карактеристики што го издвојува овој светски поетски портал од останатите, е што сите застапени автори ги читаат своите 10 песни на оригиналниот јазик на којшто се напишани. Така, освен читањата на македонските автори, оваа страница нуди можност да се чујат и гласовите на Јејтс, Ферлингети, Исмаил Кадаре, Дерек Волкот, Ненси Морехон, Ингеборг Бахман, Енцесбергер и многу други, се посочува во соопштението од Лириклајн Македонија.
Лириклајн е една од најдобро организираните светски поетски мрежи и за своите континуирани активности има добиено важни награди со европски и светски предзнак.
|