
|
 |
Вести / Македонија
Собранието донесе три закони од ЕУ агендата
Скопје, 4 јули (МИА) - Собранието на Република Македонија претпладнето откако го усвои предложениот дневен ред на четвртата седница ја донесе Одлуката за изменување на Одлуката за основање Совет на Собранискиот канал.
Пратениците потоа го донесоа Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи, кој е еден од десетте закони за усогласување на македонското со законодавството на Европската унија кои се на дневен ред на оваа седница.
Образложувајќи го Законот, министерот за правда Михајло Маневски истакна дека станува збор за доста обемно законско решение со над 1.200 члена, кои како што рече се усогласени со најновите нормативи и стандарди на Европската унија.
- Новините во законот, меѓу другото се однесуваат на воведување нови основни начела за заштита на лични права и правичност. Се регулира правната и деловна способност на физичките и деловните лица, се уредуваат облици на вина кај предизвикана штета, штета од неисправен производ, а реформиран е и системот на односи кај нематеријална штета во насока на заштита на личните права. Се регулираат и прашањата на затезна и договорна камата, како и прашањето за правно регулирање на доживотната издршка, истакна министерот Маневски.
Вториот закон од ЕУ агендата кој доби поддршка од пратениците беше Законот за постапување по претставки и предлози. Како причина за донесување на овој закон е посочена потребата за операционализација на одредбата на членот 24 од Уставот на Република Македонија, според која секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добива одговор. Причина за донесување на овој закон е и фактот што постојното законско решение за постапување по претставките и предлозите е уредено со пропис усвоен пред донесувањето на Уставот на Република Македонија.
Пратениците претпладнето во рамките на четвртата седница го донесоа и Законот за стокови резерви и ја почнаа расправата по законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Со нив се врши промена на начинот на менаџирање на стоковите резерви и како што истакна министерот за финансии Трајко Славески, се прави промена на постојната законска регулатива во поглед на формирањето, обновувањето и користењето на стоковите резерви.
- Основна карактеристика на новите закони за стокови резерви и задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати е ставањето нагласок на основната мисија на стоковите резерви, во функција на нивно користење исклучиво при поголеми нарушувања на пазарот, предизвикано од природни и други несреќи од поголем обем и во услови на војна, како и спречување на злоупотребата и непотребните финансиски загуби во работењето со стоконите резерви, рече Славески.
Законот за стокови резерви предвидува формирање на Агенција за стокови резерви како орган на државната управа која за својата работа директно одговара пред Владата, со што ќе се овозможи поголема ефикасност во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на стоконите резерви и поголема оперативност при реализација на одлуките за нивно користење. На тој начин, според предлагачот, и доверливиот карактер на стоковните резерви ќе се подигне на повисоко ниво, што од друга страна ќе придонесе за намалување на злоупотребата на стоковите резерви.
Во Агенцијата за стокови резерви, како што појасни Славески, ќе има и резерви на нафтени деривати, иако ќе има и одделна Дирекција за нафтени деривати, но тие ќе бидат користени само за одредени интервенции. Тој додаде дека иако Дирекцијата ќе биде одговорна пред Владата, таа ќе опстојува со самофинансирање, додека Агенцијата за стокови резерви ќе биде во рамките на државните институции.
Пратеникот Игор Ивановски од СДСМ во расправата за овој закон, повторна побара од Владата да ги намали акцизите и ДДВ за нафтата и нафтените деривати, но и купување на нафта по сегашни цени, со цел кога таа ќе поскапи да се пушти во употреба во производството за да се амртизира шокот од континуираниот пораст на цените.
Расправата по Предлог законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, пратениците ќе ја продолжат по редовната едночасовна пауза.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|