Учество на МКУД „Илинден“ од Сиднеј на Балканскиот фолклорен фестивал во Охрид и на Илинденски денови во Битола
Скопје, 4 јули (МИА) - Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Рокдеил, Сиднеј, Австралија, кое од 1 до 30 јули престојува во Македонија ќе настапи на Меѓународниот Балкански фолклорен фестивал во Охрид и на Илинденските денови во Битола.
За време на едномесечниот престој, друштвото, покрај Скопје ќе ги посети и Струмица, Дојран и Прилеп, а ќе има и целовечерни концерти во Кичево и Демир Хисар.
Според програмата членовите на МКУД „Илинден“ ќе ги посетат културно историски споменици Стоби и Хераклеа, а ќе имаат и излети до Маврово, Галичник, Струмица и Дојран.
МКУД „Илинден“ од Рокдеил е едно од најстарите културно уметнички друштва на австралискиот континент. Формирано е во далечната 1966 година. Друштвото брои 120 членови и тоа на возраст од 5 до 25 години.
Од своето основање до денес МКУД „Илинден“ има реализирано повеќе од 2.000 настапи скоро во сите поголеми градови ширум Австралија - Сиднеј, Мелбурн, Волонгонг, Њукастел, Канбера, Бризбејн, Перт ...
Од поважните настапи на автохтониот македонски фолклор се издвојуваат учествата на Интернационалниот мултикултурен фолклорен фестивал кој се одржува во Канбера, Шел и Квантас, фестивалите во Оперската куќа во Сиднеј, како и учеството на големата прослава по повод 200 годишнината од доаѓањето на првите Европјани на австралискиот континент.
За високите уметнички презентации Друштвото е добитник на голем број награди, признанија, дипломи како што се: признанието „Амбасадор и чувар на македонската култура во Австралија“ и „Свети Климентовиот трофеј“ на фестивалот во Канбера.
Во овој четиридецениски период друштвото се јавува и како организатор на културни манифестации кои се одржуваат во Сиднеј, како што се Деновите на македонската култура во 1986, 1988 и 2001 година.
|