Блокирањето на млекраниците е желба на поединци, не став на вистинските фармери, велат индивидуални земјоделци
Скопје, 29 август (МИА) - Актуелниот протест зад кој застана Федерацијата на фармери, не го организираат вистинските сточари, на кои млекопроизводството им е основна дејност, туку луѓе кои земаат пензија и плата од државниот Буџет, обвинуваат индивидуалните земјоделци.
Тие не го поддржуваат штрајкот и сакаат да го предадат своето млеко, но поради блокадите не можат. Штетите, велат, ќе бидат огромни и некој за тоа ќе мора да сноси одговорност.
- Вистинските производители што живеат и егзистираат од продажба на млеко не го поддржуваат штрајкот. Протестот го организираат луѓе - пензионери, луѓе кои земаат плата од државниот Буџет, кои веќе нешто работат, а млекопроизводството им е дополнителна дејност, изјави Ѕвонко Најдовски од село Кадино.
Тој денеска во „Сведмилк Македонија“ сакал да предаде 450 литри млеко, но не бил во можност поради механизацијата која, како што посочи, вчера ја поставиле некои т.н. фармери.
- Кој ќе ми ја плати штетата, по 26 денари за секој литар, и што со фармите кои имаат пет или осум тони млеко, прашува Најдовски.
Според него, никој од наводните организатори на штрајкот не чува крави или има само една.
- Со ова практично покажуваат дека не им одговара да се сруши досегашниот монопол на Битолската млекраница. Едноставно, сакаат да се затворат млекарниците, да се уништи млекопроизводството во Македонија. Бараат монопол, контингенти, увоз од надвор, а не домашна продукција, истакна Најдовски.
Нелогично е, додаде Најдовски, и барањето на Федерацијата да се дефинира основна цена на суровото млеко.
- Од први јануари годинава имаме Правилник за млеко кој го дефинира квалитетот што е, пак, услов за откуп, односно за формирање на цената. Мора да бидеме објективни. Основна цена се бара од Буџетот, а цената и условите во пазарно стопанисување ги диктира пазарот. Јас ќе го дадам млекото и за 20 денари, рече Најдовски.
И Горан Митров, сточар од Сушица, не го поддржува актуелниот протест.
- Ова не е решение, само ја влошува ситуацијата. Сакам да го предадам млекото, но млекарницата со која имам потпишано договор за откуп не може да го земе зашто е блокирана. Доколку за два до три часа млекото не го предадам, ќе треба да го фрлам, а имам 10 тони што би било огромна загуба, изјави Митров.
Став на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да продолжат разговорите меѓу производителите и преработувачите со цел да се најде решение што ќе им одговоара на двете страни.
На состанокот во понеделникот, фармерите и млекарниците формираа работна група која, како што се договорија, поединечно ќе ги разгледува тековните проблем и евентуалните забелешки во однос на склучените договори за откуп.
|