
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Операторите подготвени за услугата преносливост на броеви
Скопје, 29 август (МИА) - Претставници на операторите во мобилната и фиксната телефонија денеска на состанок во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) изразија подготвеност в понеделник да стартуваат со комерцијално нудење на услугата преносливост на броеви, изјави Виолета Цветковска, портпарол на АЕК.
Со стартот на таа услуга граѓаните ќе имаат можност за слободен избор на оператор од фиксната и од мобилната телефонија без да го променат префиксот и телефонскиот број.
Портпаролката на АЕК вели дека фиксните и мобилните оператори на состанокот соопштиле оти успешно ги имплементирале поврзувањата со централната база на податоци и преносливоста на броевите меѓу нив.
Според Цветковска, речиси сите оператори, освен „Он-нет“ се изјасниле оти ќе наплаќаат за услугата од претплатниците, односно од граѓаните кои ќе побараат пренесување на бројот.
- В понеделник кога ќе почне оваа услуга, секој оператор на својата веб-страница ќе ја објави цената која очекуваме да биде пристојна. Ако биде дестимулативна некоја цена, тогаш Агенцијата согласно Законот за електронските комуникации има право да реагира и да наметне регулирана цена. Меѓутоа, прво да се види колкава ќе биде цената. Можеби ќе бидат фер и ќе понудат ниски цени, истакна Цветковска.
Услугата преносливост на броеви му овозможува на одреден корисник на мобилна телефонија или на фиксна да се префрли на друга мрежа и притоа ќе може да си го задржи постоечкиот број, без разлика дали тој почнува со 070/071, 075/076 или 077/078. Се очекува дека со воведувањето на оваа услуга значително ќе се зајакне конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, а операторите ќе бидат принудени со нови квалитетни и поевтини услуги да ги задржуваат постоечките претплатници.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|