Трибина за македонскиот јазик во политичката комуникација

Скопје, 25 септември (МИА) - Политичарите кои ги изгласаа измените на Законот за македонски јазик, што предвидуваат високи парични казни за негова неправилна употреба и за објава на нелекториран текст, не го почитуваат македонскиот литературен јазик во своите јавни настапи и во политичката комуникација. Грешат во изговорот, во употребата на зборовните категории, збороредот, говорат со англизми и други интернационализми, дијалекти и жаргони, не акцентираат како што бара јазичната норма, а се случува на веб-страниците на државни институции да се користи латиница, големи букви за сите зборови во една реченица или грешки со правописните знаци. Пречесто се употребуваат туѓи зборови за кои во македонскиот има соодветни преводи, па така примената веќе е имплементација, понудата - тендер, печатењето - принтање, а од неодамна мошне спомнувани се и бенчмаркови, за кои се уште нема подобра замена од буквалното значење (референтни точки).

Триесет отсто пратеници во Парламентот денеска присуствуваа на трибината „Македонскиот јазик во политичката комуникација“ организирана од Координативниот одбор „2008-ма - Година на македонскиот јазик“ и ги слушнаа забелешките на експеритите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од медиумите, кои непосредно се соочуваат со јазикот на политичарите, пренесувајќи ги нивните изјави и соопштенија. Одѕивот и посетеноста на трибината, според Лилјана Поповска, претседателка на Одборот, влева надеж дека ќе се зголеми свеста за грижата за јазикот.

Податокот дека во Собранието е ангажиран само еден лектор, а во Македонската академија на науките и уметностите нема ниту еден, и покрај официјалните барања на оваа научна институција,  ги поттикна дискутантните да заклучат дека сите државни институции треба да вработат повеќе лектори, на што обврзува и Законот за македонскиот јазик од 1998 година, кога почнаа да се полагаат и лекторските испити. Беше заклучено и да се зајакнат капацитетите на стручните национални институции задолжени за таа област и тие  од државата да добиваат и суштинска, а не само декларативна поддршка.

Имаше и предлог да се организираат курсеви и обуки за правилна употреба на јазикот, наменети за пратениците и за собраниските преведувачи, зашто со своите јавни говори тие влијаат и ја формираат јазичната култура на сите граѓани, а на институциите кои составуваат соопштенија да им се испрати листа на „забранети“ зборови и на нивни соодветни (македонски) замени.

- Јавно изговорениот збор е голема одговорност. Со свртеноста кон политичките случувања за ЕУ, се заборава почитта кон македонскиот јазик, рече Лилјана Макариоска, директорка на Институтот за макеоднски јазик. Според неа, не треба премногу да се става акцент на казнената политика за неправилна употреба на јазикот, туку да се најдат начини луѓето да сакаат да се трудат да зборуваат правилно.  

Александра Ѓуркова од Институтот зборуваше од стручен аспект за јазикот во политичката комуникација, дефинирајќи го како социолект со три главни карактеристики - препознатливост, разбирливост и прифатливост. За проф. д-р Људмил Спасов од Филолошкиот факултет погрешното акцентирање е болест или мода во сите политички системи. Тој укажа и на отсуството на интонација и дикција во јавните настапи за кои, пак, рече дека се учат со ораторски обрасци.

Академик Блаже Ристовски рече дека е против пуризмот и настојувањето, особено на младите лектори, да ги исфрлат од јазикот сите странски зборови зашто така, како што рече, јазикот се осиромашува. Употребата на некои турцизми во одреден контекст, како ујдурма или есап, рече Ристовски,  имаат стилска функција или информативно значење и можат да заменат зборови кажани во иронија или напишани во наводници.

- Без интернационализмите не може да го изразиме точно тоа што сакаме да го кажеме. Не може да одиме на патот се да се преведува, но за некои изрази треба навреме да се најдат соодветни зашто  потоа тие се одомаќинуваат и не можат да се избркаат, рече академик Ристовски, кој го повика Институтот да направи и преразгледување и обнова на Правописот.

На јазикот на политичарите се пожалија и новинарите кои учествуваа на трибината. Според Катерина Цаневска-Арсова од А1, дел од нив треба да се вратат во ученичките клупи за да научат што е реченица, подмет, прирок, акцентска целост. - Новинарите имаат тешка задача да ги пренесат неразбирливите изрази на политичарите и да ги направат попаметни, рече Цаневска-Арсова, која како собраниски известувач забележа и на практиката пред пратениците да стојат закони кои не поминале на лекторска обработка.

Според Драган Антоновски од „Сител“, препораките за употребата на јазикот не треба да останат затворени во институциите, туку да стигнат до сите. Неангажирањето на продуцираните лектори, како што рече, е негрижа за јазикот. Антонио Спасев од порталот „Кирилица“ смета дека пропустите не треба да се правдаат со брзањето и им порача на институциите понастојчиво да го актуелизираат овој проблем. Тој предложи инспекцијата за јазична негрижа, која со законските измени ќе се казнува со 10.000 до 200.000 денари, најпрво да почне од Парламентот.  Бранко Героски од „Шпиц“, пак, говореше за „брутализација на политичката комуникација“ и за смислена акција за јазична негрижа. Според него, само со менување на политичките и општествените односи и кога политичарите ќе му го препуштат  јазикот на јазичарите,  јазикот ќе дише слободно и ќе може креативно да се развива.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...