
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Работилница: Македонија што поскоро да ја подготви администрацијата за искористување на ЕУ фондовите, досега нереализирани 160 милиони евра
Скопје, 6 октомври (МИА) - Македонија во 2007 и 2008 година, поради институционална неподготвеност, не искористила околу 160 милиони евра од европските претпристапни фондови. До 2013 година на располагање има уште 300 милиони, но агенциите преку кои треба да се врши нивната реализација се уште не функционираат зашто не се акредитирани.
- Еден од предусловите за искористување на ЕУ фондовите е добрата подготовка на државната администрација и постоењето соодтевни национални агенции за надзор на трошењето на парите. За жал, последнава година Македонија доцни со акредитацијата на овие тела, така што средствата се уште чекаат и не се расположливи за користење, изјави Антон Флоријан Баришиќ од Хрватска, европски експерт за локален развој, по денешната работилница „ЕУ-Претпристапни фондови - Што всушност треба да правиме?“ во Стопанската комора.
Баришиќ напомена дека она што нема да се потроши во тековната година, не може да се користи следната и тоа, како што рече, е најголемиот проблем.
- За Македонија од европските фондови во периодот 2007 - 2013 година се предвидени околу 460 милиони евра. Но, од нив останаа уште 300 милиони, истакна Баришиќ, додавајќи дека дел од изгубените 160 милиови евра за 2007 и 2008 година можеби ќе се компензираат преку други програми.
Државата, порача Беришиќ, треба да работи максимално интензивно за создавање на потребните институционални услови и да отвори простор за вклучување стручњаци кои ќе помогнат за порационално и поефикасно искористување на ЕУ средствата.
- Апелирам институциите да се подготват што поскоро и да им овозможат на македонските компании да ги апсорбираат средствата од ЕУ. Ако Македонија ги искористи сите пари, тоа ќе биде повеќе од доволен показател, односно индикатор за степенот на зголемување на стандардот и за подобрувањето на општествено - економската слика во целина, рече експертот.
Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има право да ги користи средствата од ИПА, вид претпристапен инструмент достапен преку различни оперативни програми што и овозможува на државата да го подигне својот капацитет во различен сегменти.
ИПА има пет компоненти, институционален развој, погранична соработка, инфраструктурни проекти, човечки ресурси и рурален развој, но Македонија моментно ги користи само првите две.
- Останатите не се спроведуваат зашто се уште се чека акредитирањето на двете агенции, ИПАРД и Централната канцеларија во Министрството за финансии. Оперативна програма 2007 - 2009 е готова, одобрена, потврдена и со одреден буџет од ЕУ, но и таа не е дореализирана поради немањето акредитација. Според договорот со Европската комисија, неискористените средства треба да се преточуваат од година в година, но постои опасност дел од нив да се изгубат, рече Јадранка Ризанковска, виш советник за ЕУ програми во Стопанската комора.
Малите и средни претпријатија, чии претставници на работилницата добиваа инструкции околу изготвувањето проекти за добивање пари од ЕУ, не се доволно запознаени со тоа што е ИПА, колку компоненти има или какво е негово значење. Според нив, политиката е клучната причина за досега нереализираните проекти.
- Не сме подготвиле проекти за ИПА, ниту имаме квалификациска структура на вработени кои ќе ги изготвуваат. Државата нема агенции, ниту институции преку кои ќе се реализираат проектите. Не знаеме како ќе оди реализирањето, дали преку банкарските институции или преку министерствата за економија или за финансии. Проблемот е политички, рече Ванчо Апостолов од „Зегин“.
Дури сега претпријатијата биле информирани дека проектите може диеректно да се доставуваат во ЕУ.
Хрватска, како што информира Беришиќ, оваа година искористила 60 отсто од вкупно одобрените средства.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|