
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Владина делегација на крајот на октомври ќе разговара во Бугарија за можностите за вклучување во проектот „Белене“
Скопје, 7 октомври (МИА) - Македонска владина делегација кон крајот на октомври ќе престојува во Бугарија, каде со официјалните претставници на бугарските власти ќе разговара за можностите за вклучување на Македонија во реализацијата на проектот за изградба на нуклеарната централа „Белене“.
Бугарската влада за стратешки инвеститор на „Белене“ веќе ја избра германската компанија РВЕ, на која ќе и бидат понудени 49 проценти од сопственоста над нуклеарката. Акционерскиот договор меѓу Бугарија и РВЕ би требало да биде потпишан до крајот на октомври, по што ќе бидат познати и можностите за вклучување на трети страни во проектот. Изградбата на нуклеарката би требало да почне во текот на март или април 2009 година.
Како што информираат претставници на Владата на денешната средба со новинарите, во наредниот период како приоритет остануваат можностите за зајакнување на македонскиот енергетски сектор, преку ревитализација на постојните хидроцентрали и на блоковите на РЕК „Битола“, како и за изградба на далновод за поврзување на македонскиот со српскиот енергетски систем со што би се овозможил полесен увоз, но и извоз на евентуални вишоци на струја.
За реализација на овие проекти се разгледуваат можностите за обезбедување на финасиски средства од кредити, пред се од Светската банка која нуди многу поповолни услови за кредитирање во споредба со другите меѓународни финансиски институции и комерцијалните банки.
Владата е ориентирана кон целосно искористување на домашните капацитати на руда за потребите на македонските електрани, а, исто така , најавува и подготвеност да му даде заем на ЕЛЕМ за спроведување на некој од планираните енергетски проекти.
Македонските власти засега не планираат да преземаат конкретни мерки по примерот на некои други земји за зголемување на лимитот на гарантираните банкарски депозити, бидејќи засега нема индикатори за прелевање на последиците од глобалната финансиски криза врз македонскиот банкарски сектор. Падот на домашниот берзанскиот индекс се оценува како реакција на случувањата на останатите европски берзи, но не се очекуваат други драстични последици врз економскиот сектор.
Проценките на меѓународните аналитичари се дека сегашната глобална криза ќе го достигне својот максимум кон средината на идната година, што остава оптимизам за полесно санирање на нејзините последици.
Иако последните параметри покажуваат дека дел од економиите во западните земји до крајот на годинава ќе западнат во рецесија, сепак во глобални рамки се очекува да има раст на вкупната економија, пред се благодарение на државите со забрзан економски раст, пред се во Азија. Економскиот раст во овие земји и нивната зголемена потрошувачка се очекува да го запрат сегашниот тренд на пад на цените на суровините на меѓународните берзи, па од таму Владата ги смета за неосновани барањата на одделни металопреработувачки компании во земјава за намалување на цента на струјата за нивните потреби.
Во врска со наплата на рускиот клиринши долг, според најавите од Владата, во тек е процес на усогласување на модалитетите на ниво на ресорни министерства на Македонија и Русија за начините и механизмите утврдени со билтарелниот договор за надмирување на долгот.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|