
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Црвенковски за името и за посетата на Брисел
Скопје, 7 октомври (МИА) - Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски на денешната средба со новинарите информира за неговата последна посета на Брисел каде што се сретна со еврокомесарот Оли Рен, со генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна полтика Хавиер Солана, како и за процесот за решавње на прашањето за името.
Според Црвенковски, со двојната формула за името се ризикува процесот на преговори, бидејќи таа е реализација на грчкото сценарио, односно преговорите да не завршат успешно, а одговорноста за тоа да биде префрлена на македонска страна. Грција, според претседателот, не губи ништо ако прашањето за името стои отворено, бидејќи за нив времето не значи ништо, а за Македонија значи многу.
Црвенковски посочи дека во Македонија не постои план Б, кој ќе овозможи на долг период, ако не станеме членка на НАТО и ЕУ да имаме сестран економски, демократски и општествен развој. Ако Македонија остане изолирана, а сите околу нас станат членки на НАТО и ЕУ, шефот на македонската држава смета дека тогаш може да разговараме за концепт за преживување, а не и за долгорочна перспектива затоа што светот се глобализира.
Според него, никој не може да даде гаранција ако Македонија биде пофлексибилна во преговорите со името дека успешно ќе заврши целата работа. Тој смета дека единствен начин тоа да се случи е да се продолжи со процесот понатаму.
Грција, како што рече Црвенковски, не сака решавање на проблемот затоа што во моментов американската администрација е наклонета на наша страна. Тој додаде дека Република Македонија може од Советот за безбедност да побара нова резолуција бидејќи досега се покажа дека процесот на преговори е неуспешен, но оти со тоа ние ќе изгубиме многу време.
Според шефот на македонската држава, во процесот за решавање на прашањето за името важни се идентитетот, името што ќе се користи за меѓународна употреба и каде се ќе биде користено.
Во последниот предлог од медијаторот Метрју Нимиц, според Црвенковски може да се забележи поголемо разбирање за некои од позициите што се важни околу идентитетот.
Тој посочи дека во ОН секоја земја има своја лична карта во која се напишани официјалното име на земјата, краткото име, јазик и државјанство. Црвенковски вели дека за Македонија е поважно ОН да ни го признаат јазикот и идентитетот и оти прашањето за идентитетот е најбитно во решавањето на спорот со името.
Во врска со референдумот за името, Црвенковски истакна дека се согласува за вакво крупно прашање да се одржи референдум, но е против референдум доколку државниот врв нема дефинирано заеднички став.
Осврнувајќи се на последната средба со генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер во Брисел, Црвенковски рече дека му било посочено оти за Република Македонија нема дополнителни критериуми, дека останува заклучокот од Самитот на НАТО во Букурешт, односно дека треба да се разреши спорот со Грција по што ќе следи поканата за полноправно членство.
На разговорот со еврокомесарот Оли Рен било посочено дека критериумите врз кои ќе се оценува напредокот на Македонија се исполнувањето на осумте одредници, како и на деветтата - спроведување мирен, фер и демократски изборен процес.
Рен на средбата посочил дека спорот со Грција за името не е критериум за препорака за почеток за преговори, но оти треба да се реши.
Грција, како што рече Црвенковски, не може да ја блокира Македонија кај извештајот на ЕК, затоа што таму не се одлучува со консензус. Според него, шансите да се добие препорака за отпочнување на преговорите со Европската унија се мали.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|