„Пеперутки“ - избор од творештвото за деца од Иван Ивановски Скопје, 23 декември (МИА) - „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Пеперутки“, избор од творештвото за деца на македонскиот писател и театролог Иван Ивановски. Изборот ги опфаќа неговите книги за деца „Врти се врти вретенце“ (поезија), „Мамините раце се златни“ (поезија), „Ах ти мило детенце“ (поезија, повеќе изданија – десетина години лектира за прво одделение), „Штурчевото дуќанче за музикалии“ (раскази), „Спроти Нова година“ (пиеса во стихови).
Во книгата се објавени и хумористични песни и препеви според мотиви од народната поезија од разни земји. Книгата е илустрирана со цртежи на Ленче Тосева. Литературата за деца на Иван Ивановски (1930, Дебар) е застапена во повеќе антологии и е преведена на неколку јазици. Ивановски има објавено повеќе од 50 книги од областа на театарот. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1965 година. Добитник е на повеќе награди и признанија.
|