
|
 |
Вести / Македонија
|
|
Андов негира дека е вмешан во аферата „Пензии“
Скопје, 3 јули (МИА) - Почесниот претседател на Либералната партија на Македонија и пратеник во македонското Собрание Стојан Андов денеска ги отфрли како невистинити информациите дека е вмешан во таканаречената афера „Пензии“.
Во аферата се обвинети неколкумина македонски политичари дека покрај плата од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија истовремено земале и пензија.
На денешната прес - конференција пратеникот Андов ги отфрли информациите од неколку медиуми дека истовремено земал плата и пензија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и е инволвиран во аферата.
- Имам документи со кои можам да докажам дека цело време совесно и одговорно се држам до законите. Јас бев во работен однос до 12 април 2008 година, но тогаш се „растури“ Собранието. Бидејќи ми престана работниот однос, потоа побарав пензија. На 9 мај ми е дадено решението за пензија и бев пензионер до 20 јуни лани, кога повторно беше конституиран Парламентот, верификувани мандатите и заснован работниот однос од почеток, рече Андов.
Во јули минатата година, според Андов, било донешено решение од страна на Фондот дека покрај платата му припаѓа и надомест во висина од 30 отсто од износот на пензијата.
- Тоа решение не ми е врачено. На 24 декември лани кога е донесен Закон со кој се укинува можноста да се исплаќа и дел од пензијата, Фондот требаше по службена постапка да донесе решение дека престанува паричниот додадок и јас тоа го очекував, истакна пратеникот Андов.
Откако тоа не се случило, додаде Андов, тој ги потсетил надлежните дека паричниот додаток не треба да му се дава повеќе, но од Фондот повторно му го испратиле.
- Преку писмо и барање неколкупати се изјаснив во Фондот дека според Законот, покрај платата, истовремено не треба да примам и додаток и тој треба да ми се укине. Вкупната сума што надвор од Законот ми е исплатена е 28.000 денари, потенцираше Андов и посочи дека парите му се погрешно исплатени.
Тој рече оти очекува од Фондот да му посочат на која сметка да ги уплати или врати овие средства. Доколку во рок од шест месеци не ги добие потребните информации од Фондот, Андов парите ќе ги предаде во сопственост на Здружението на новинари на Македонија.
На денешната прес - конференција пратеникот Андов потенцираше дека нема да тужи никој поради неправдата.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|